fbpx

Дезинформации: Витаминот Ц и прополисот не се лек за корона вирусот

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите „Фактограф“ анализира тврдење изнесено на Фејсбук-страницата „Valeduto – Nenad Roso“, од еден натуропат, дека од корона вирусот може да се излекувате со големи дози витамин Ц.

„Тоа е неточно тврдење, бидејќи немамe никакви докази за тоа. Натуропатијата е псевдонаука што ги игнорира медицинските сознанија, а која вистинските лекари ја сметаат за неефикасна, штетна и неетична“, пишува „Фактограф“.

Хрватскиот сервис за проверка на факти наведува дека Фејсбук-страницата „Valeduto – Nenad Roso“ се повикува на објава на Втората болница на кинескиот универзитет Сјиан Ѓиаотонг, дека таму се испитуваат ефектите на витаминот Ц на лицата заразени со корона вирусот и дека досегашните резултати се ветувачки.

Но, тоа не е доказ дека витаминот Ц лекува од корона вирус, пишува „Фактограф“, кој ја наведува и изјавата на Руан Гуангфенг од Кинескиот центар за информации за храната кој за државниот дневен весник на англиски јазик „China Daily“ рекол дека нема никакви докази дека витамин Ц помага во третирањето или лекувањето настинка, како и дека таквото верување не е поткрепено од науката.

Слично тврдење, дека со прополис може да се лекува човек заразен со корона вирусот, анализирал босанско-херцеговскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba.

Станува збор за текст објавен на босанско-херцеговскиот портал „Аура“, во кој имало и изјави од Самир Баралија „сараевски апитерапевт“, кој тврдел дека со сложена емулзија на прополис лекува различни типови грип и други вирусни заболувања. Апитерапијата, исто како и натуропатијата, е форма на алтернативната медицина која ги третира болестите и повредите со пчелни производи.

Текстот што raskrinkavanje.ba го анализирал содржи и мислење на Баралија дека „корона вирусот е најсличен на вирусот на бронхитисот и дека двата спаѓаат во едно семејство“.

Тоа тврдење босанскиот сервис за борба против дезинформациите го спротивставува на информацијата од Светската здравствена организација (СЗО) дека моментално не постои лек со кој се спречува или се лекува новиот корона вирус COVID-19. Исто така, пишува raskrinkavanje.ba сосема е неточно тврдењето на пчеларот дека новиот корона вирус е од истото семејство со „вирусот на брохитисот“, оти бронхитисот е воспаление на бронхиите што го предизвикуваа различни вируси и бактерии, а од вирусите најчесто вирусот на грипот.

За крај, пишува босанскиот сервис за борба против лажните вести, во текстот на „Аура“ се изнесува тврдењето на Баралија дека новиот корона вирус и грипот Х1Н1 тој ги лекува за пет до седум дена.

„Бидејќи досега немаше забележани случаи на COVID-19 во БиХ, нејасно е како опишаната „терапија“ со пчелни производи е ефикасна“, нагласува raskrinkavanje.ba.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создадени само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...