fbpx

Дезинформација е дека деца во училиште во Аеродром требало да се облекуваат како спротивниот пол

-

Наводите во непроверената вест за некакви наводно планирани активности во училиште во Аеродром, се пласирани како вистинити, со цел почнување хајка против градоначалникот на Аеродром дека спроведува некаква индоктринација за учење на децата дека не постојат родови, дека мажите можат да бидат жени и обратно. Не е точно дека раководството на училиштето им наложило на децата да дојдат облечени како спротивниот пол, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на Фејсбук кој деновиве е прилично вирален, а во кој се вели дека учениците во ОУ „Љубен Лапе“ во Општина Аеродром добиле список со активности за неделата пред Нова година, меѓу кои и таа да дојдат облечени како спротиивниот пол. Нашата проверка покажа дека станува збор за план на активности кој не дошол од раководството на училиштето. Информацијата беше споделувана на социјалната мрежа Фејсбук без да се понудат конкретни информации и одговори на прашањата, кој, како и зошто. Тоа, дел од порталите го искористија и ваквата информација ја пласираа како вистинита.

Ексклузивна ударна вест: Учениците од 6-то до 9-то одделение од ООУ „Љубен Лапе“ во нас. Аеродром, Скопје, следната недела ќе се облекуваат како спротивниот пол, машките како женски, а женските – како машки.
👉 Родителите револтирани… прочитајте повеќе и не заборавајте да ја пополните анкетата и да ја потпишете петицијата против воведување на идеолошко сексуално образование:

 АПДЕЈТ: Откако родителите ги виделе пораките на Вибер и изреагирале со негодување во однос на дадениот предлог, директорката на училиштето денеска соопштила дека не се согласува со идејата. Браво, родители!, се вели во објавата која ја анализираме.

Ваквата објава предизвика низа негативни реакции во јавноста, дека „западот сака да ни ги уништи децата“, дека „се прават експерименти со децата“ и слично.

Објавата ја сподели невладината „Преземи одговорност“ која постојано споделува лажни и манипулативни вести за Сеопфатното сексуално образование (ССО), кое, пак, МОН во соработка со невладината ХЕРА го спроведоа како пилот проект само во 9 одделение. Вистиномер досега во неколку наврати ги има дебанкирано статусите на „Преземи одговорност“ на социјалните мрежи, кои постојано ја напаѓаат ХЕРА со дезинформации од типот дека ќе се воведе ССО во предучилишните установи во земјава и дека на децата во градинките „дрег кралици“ ќе им читаат приказни и на тој начин ќе „се разбиваат „стереотипите“ дека семејството се состои од маж, жена и деца, дека полот е непроменлива категорија и дека е „ОК да се биде различен““.

Последно што излезе од „Преземи одговорност“ е лагата дека ХЕРА изјавиле оти „проституцијата е супер“.

Претходно се споделуваа лаги дека ХЕРА застапува став оти децата до 4 години веќе треба да знаат да мастурбираат и дека на тој начин се спроведува ССО во практика.

 

Што се случи со ОУ „Љубен Лапе“?

Целата приказна дека децата наводно добиле задача да се облечат како спротивниот пол и дека на тој начин во училиштата во Македонија се спроведува некаква агенда за „Gender Swap Days“ или „Gender Bender Days“, воведени „со цел да се срушат старите традиционални норми“, за да се воведат нови, според кои машкото може да биде женско и женското може да биде машко, ја почна невладината организација „За децата“ која објави „ексклузивна“ информација дека ученици од училиште во Аеродром ќе се облекуваат како спротивниот пол.

Станува збор за ООУ „Љубен Лапе“ во нас. Аеродром, Скопје, каде по налог на директорката, класната ги споделила следните инструкции со учениците во нивната Вибер група:

„По повод последната училишна недела од првото полугодие, неколку од нашите ученици имаа идеа неделата да се направи по забавна за сите со тоа што ќе има ‘тематска недела’, кадешто секој ден од наредната недела (26.12-30.12) ќе има една тема и учениците од шесто до деветто одделение ќе треба да го следат кодексот.

Наредните теми се одбрани:

– Понеделник: Биди спротивно од себе (dress as the opposite of yourself day); ден кадешто целата смена ќе треба да носи нешто што никогаш не би го носел/ла.

– Вторник: Облечи се како твојот омилен карактер (dress as your favourite character); ден каде што целата смена ќе треба да биде облечена како својот омилен карактер од филм, серија или книга.

Среда: облечи се како спротивниот пол (gender swap); ден каде целата смена ќе треба да биде облечена како спротивниот пол.

– Четврток: Ден на костим (costume day); ден каде целата смена ќе треба да носи формален костим.

– Петок: Смешни капи или наочари ден (funny glasses/hats day); ден кога целата смена ќе треба да носи интересни наочари или капи.

Имајте убав остаток од полугодието,

– Ученичкиот парламент

(имињата нарочно се покриени)“, стои во написот на „За децата“.

Написот споделува и фотографија од наводната порака која на родителите наводно им била пратена по Вибер, по налог на директорката.

На крајот од пораката стои потпис од Ученички парламент, но не и од директорката. На писмото нема ниту лого од училиштето, ниту пак тоа изгледа како некаков официјален документ на училиштето, што отвора сомнеж за неговата веродостојност. Во текстот не е побаран став од училиштето со цел да се дознае од каде потекнува документот, кој го испратил и кој го составил.

Единствениот извор на кој се повикува написот е реакција на родители чиишто имиња не се спомнуваат воопшто. Наведени се само некакви анонимни изјави:

(Ова) на син ми му го дадоа денес попладне. Им го дала директорката на класните за да го споделат со учениците на Вибер. По која агенда и училишна програма се шири ваква пропаганда? Реагиравме и ние и други родители, а сигурно има реакција и од другите одделенија. Ќе бараме да се покрене иницијатива пред училишниот одбор.

Вака споделената вест, ја преземаа и дел од порталите кои експресно ја информираа јавноста дека децата од ОУ „Љубен Лапе“ ќе се облекувале како спротивниот пол.

Информацијата ја демантираа од Општина Аеродром и ја отфрлија како неточна.

Општина Аеродром во целост ги демантира информациите објавени на неколку портали, во врска со наводните активности за наредната недела во ООУ ,,Љубен Лапе”. Станува збор за активност која е предложена од страна на учениците. Но, по разгледувањето на предлозите од страна на раководството на училиштето, а по консултација со надлежните служби во општината, донесена е одлука планираните активности да бидат модифицирани и од нив да бидат прифатени само оние кои се соодветни на образовниот процес. Активноста, за која порталите информираа, не е дел од планирате активности на учениците. Како општина остануваме посветени на нормалното одвивање на образовниот процес и вметнување дополнителни содржини кои носат придобивки во развој на животот на учениците. Со цел избегнување на понатамошно дезинформирање на јавноста, апелираме во иднина да се објавуваат само проверени информации, а не манипулации.

Демантот го пренесе и училиштето „Љубен Лапе“ на својата официјална Фејсбук страница од каде апелираа на посовесно информирање и проверени информации.

Од Општина Аеродром јасно нагласуваат дека активноста била предложена од страна на учениците, но дека по разгледувањето на предлозите од страна на раководството на училиштето, а по консултација со надлежните служби во општината, донесена е одлука планираните активности да бидат модифицирани и од нив да бидат прифатени само оние кои се соодветни на образовниот процес. Активноста, за која порталите информираа, не е дел од планирате активности на учениците, нагласија од Општината.

Вака стокмен документот со наводно планирани активности од раководството на училиштето, делува како да е некаква шега од ученици, но никако не личи на официјален документ. Дел од родителите во коментари на Фејсбук под демантот на Општина Аеродром посочуваат исто така на сомнежи во врска со документот.

Но хајката не заврши тука.

Откако Општина Аеродром демантираше дека во училиштето се планирале некакви активности за децата да се облекуваат како спротивниот пол, невладината „За децата“ продолжи со обвинувања дека градоначалникот Тимчо Муцунски, „индоктринацијата ја отпочнал уште минатата година“, споделувајќи фотографија од објава на општината во која се наведува дека „Македонскиот институт за европски стуудии со поддршка на Општина Аеродром го спроведува проектот „Родово одговорно училиште“, чија цел е унапредување на родовата еднаквост преку намалување на родовите стереотипи и предрасуди во општинските основни училишта“. Веста експресно ја пренесе порталот Инфомакс: „Индоктринацијата во Аеродром, Муцунски ја отпочнал уште минатата година: Спроведува проект наречен „Родовно одговорно училиште“ – Сорос би се гордеел!“.

Во текстот се наметнува ставот дека Муцунски наводно ја спроведува идејата за „родова еднаквост“ која подразбира дека постојат безброј родови/полови, кои се флуидни т.е. секој може да избере дали сака да биде маж, жена или нешто друго и кои треба еднакво да се третираат, односно, маж што се идентификува како жена треба да се третира како жена.

Во текстот се посочува дека Муцунски требало да зборува за полова еднаквост, а не за родова.

 

Што е родова еднаквост?

Родовата еднаквост Министерството за труд и социјална политика ја дефинира како еднакви можности на мажите и жените.

На Википедија, родовата еднаквост, позната и како сексуална еднаквост или еднаквост на половите се дефинира како состојба на еднаква леснотија на пристап до ресурси и можности без оглед на полот, вклучувајќи ги тука и економското учество и учеството во одлучувањето; и состојбата на вреднување на различните однесувања, стремежи и потреби подеднакво, без оглед на полот.

УНИЦЕФ вели дека родовата еднаквост „значи дека жените и мажите, а и девојчињата и момчињата, уживаат исти права, ресурси, можности и заштита. Не бара девојчињата и момчињата, или жените и мажите, да бидат исти, или да бидат третирани идентично“.¹ На сличен начин Меѓународната организација на трудот ја дефинира родовата еднаквост, односно како „уживањето на еднакви права, шанси и третман на мажите и жените, на момчињата и девојчињата во сите сфери на животот“.

Поимот „родова еднаквост“ е целта, додека „родовата неутралност“ и „родовата праведност“ се практики и начини на размислување кои помагаат за постигнување на целта. Родовиот паритет, кој се користи за мерење на родовата рамнотежа во дадена ситуација, може да помогне во постигнување на родова еднаквост, но не е целта сама по себе. Родовата еднаквост е повеќе од еднаква застапеност, таа е силно врзана за правата на жените и честопати бара промени во политиката. Од 2017 година, глобалното движење за родова еднаквост не го вклучило предлогот на родови покрај жени и мажи, или родови идентитети надвор од родовите бинарни. Тесно поврзан поим е „еднаков третман“ којшто означува отсуство на директна и индиректна дискриминација врз основа на полот, стои на Википедија.

Во јули годинава, беше изгласана Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година, која е основен стратешки документ на С. Македонија со кој се воспоставува сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на правата на жените.

Со донесување на оваа Стратегија, Република Северна Македонија се стреми кон унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски, препознавајќи дека родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество. Стратегијата се заснова на принципите на законитост, јавност, транспарентност, одговорност, отчетност и меѓу секторска соработка. Визија на Стратегијата е постигнување родова еднаквост во општество во кое жените и мажите, девојчињата и момчињата, имаат еднакви права, пристап до ресурси, можности и заштита во сите сфери на животот, како услов за целокупен и одржлив економски, демографски, социјален развој и напредок на земјата, односно општество во кое жените и мажите ќе ги имаат истите привилегии и одговорности кои ќе ги остваруваат во вистинско заедничко партнерство, објави МТСП.

Значи, никаде под родовата еднаквост не се подразбира дека постојат безброј родови/полови, кои се флуидни, дека секој може да избере дали сака да биде маж, жена или нешто друго и слично, како што тоа сака да го претстави невладината „За децата“, а уште помалку такво нешто спроведува градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.

Од сето ова се заклучува дека наводите во непроверената вест за некакви наводно планирани активности во училиште во Аеродром, се пласирани како вистинити, со цел почнување хајка против градоначалникот на Аеродром дека спроведува некаква индоктринација за учење на децата дека не постојат родови, дека мажите можат да бидат жени и обратно. Не е точно декка раководството на училиштето им наложило на децата да дојдат облечени како спротивниот пол. Со цел оваа хајка да добие на тежина, се користат и измислени дефиниции за одредени поими.

Според тоа, постот кој гоо анализираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...