Фото: Мета.мк

Дезинформациите се проблем за безбедноста на државата и сите општествени чинители мора да работат заедно за да ги спречат последиците. Ова, меѓу другото, беше речено на сесијата што ја модерираше главната и одговорна уредничка на Порталб.мк, Елида Зилбеари, „Решенија и следни чекори – препораки за заедничко дејствување“, во рамки на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, во организација на Фондацијата Метаморфозис, известува Порталб.мк.

Фото: Мета.мк

„Мојата теза е дека сите ние, заедно како инволвирани страни, мора да дејствуваме координирано и да сме гласни. Ние што сме тука, сме мејнстримот што треба да ја добие војната против дезинформациите, бидејќи имаме име и презиме, наспроти оние кои седат во подрум и објавуваат дезинформации. Ние сме многу помоќни од нив. Демократијата е посилна од дезинформациите, но треба да се консолидира. Апелирам до сите актери во општеството да бидат гласни кога некој се обидува да ги злоупотреби нашите национални чувства, во интерес на цели кои не се демократски. Дезинформациите имаат за цел да поттикнат конфликти, поделби и во суштина сакаат да предизвикаат конфликт меѓу населението. Потребна ни е масовна заедничка кампања со медиумите и медиумските организации за едукација на населението во борбата против дезинформациите“, рече Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи во Владата на РСМ.

Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ, Драган Секуловски, преку презентација покажа како се шират дезинформациите, а медиумите се злоупотребуваат за политичка пропаганда. Според презентацијата, само за време на изборите во 2021 година, партиите истуриле 5,1 милион евра во медиумите.

Тој рече дека треба да се интервенира во Изборниот законик во однос на партиското рекламирање, како и да се зголеми буџетот на МРТ, кој според него е многу мал, односно во услови кога треба да изнесува 40 милиони евра, истиот изнесува 11 милиони.

Фото: Мета.мк

„Препорачуваме партиите да се откажат од платената политичка програма во медиумите, да ја зајакнат финансиската и институционалната независност на МРТ, да ја подобрат политичката култура, да ја поддржат саморегулацијата и медиумите да се потпрат на Етичкиот кодекс“, рече Секулоски.

Михајло Лахтов, раководител на проектот за млади на УСАИД “Youthink”, повика на зголемување на нивото на медиумско образование и едукација.

Фото: Мета.мк

„Не можете да најдете медиумско образование кај необразовани граѓани. Не можеме да се бориме со дезинформациите ако немаме образование кое ќе обезбеди медиумско образование. Лекот е во образованието на младите. Голем процент од младите не сакаат да знаат што се случува во земјава. Ниту пак сакаат да знаат како нивната општина ги троши парите, како функционира јавната власт. Така тие целосно се исклучуваат од реалниот свет и се маргинализираат, гледајќи медиумски содржини за забава. Младите ми велат „сите се исти“, „глупо е“, „не ме интересира“, „сето тоа се лажни вести“. Ценам дека не е точно и дека сите новинари се исти, во секоја професија има професионалци. Не треба да продолжиме со реторичка борба против дезинформациите, туку да ги вклучиме во медиумската едукација, да бидат дел од нашата заложба за влез во системот, која во иднина ќе носи одлуки на поинформиран начин“, рече Лахтов.

Џабир Дерала, претседател на Цивил, истакна дека прашањето за дезинформациите треба да се сфати сериозно бидејќи тоа е проблем за безбедноста на државата.

„Можам да заклучам дека не е проблем да ловиме дезинформации и да се промовира медиумско образование, ние имаме проблем со политичката култура. Ние имаме проблем не само со медиумската култура, туку и со политичката култура. Имаме проблем со образованието воопшто. Треба да знаеме дека целото општество е на удар, дезинформациите не можат да се гледаат како едноставни. Нивното производство е безбедносен проблем и борбата против дезинформациите треба да ја подигнеме на повисоко ниво, бидејќи тоа е од јавен интерес“, рече Дерала.

На крајот, извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари, ја затвори конференцијата, нагласувајќи дека проблемот со дезинформациите е комплициран, и истиот не може да се сфати само од еден агол, туку мора да имаме долгорочни цели, политичка култура, дијалог или создавање на општество каде сите граѓани ги имаат основните вештини за препознавање на дезинформациите и пропагандата, но тоа трае многу подолго.

„Проблемот е што треба да направиме сега, а за тоа треба да имаме краткорочни акции. Ова е и безбедносно прашање – важно е тоа да го знаат сите граѓани, институции и организации и треба да се делува, бидејќи, не дека нема проекти и иницијативи, туку ако го спроведуваме стратешки, мислам дека ќе бидеме поефикасни. Важно е Владата и граѓанските организации да бидат отворени за соработка. Многу е важно да почнеме да работиме заедно, првично да имаме стратешки документ, и да придонесеме во рамки на надлежностите“, рече Јашари.

Инаку, денешната конференција ја отвори претседателот на државата, Стево Пендаровски, а на неа присуствуваа претставници на релевантни институции, професионалци, од граѓанскиот сектор и членови на меѓународната заедница. Настанот имаше за цел да се изгради мултисекторски пристап за решавање на ова важно прашање преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор.

 

Целата конференција може да се погледне подолу: