fbpx

Девизниот ефект и бројот на ноќевања се намалуваат и покрај зголемениот број на туристи

-

Наспроти зголемувањето на бројот на странски и на домашни туристи, во првите девет месеци од 2015 година се забележува пад на девизниот ефект за 25 проценти, во однос на истиот период во 2014 година.

– Откако се почна со субвенционирање на странските тур-оператори од 2010 до 2014 година, имавме постојан пораст на девизните ефекти од туристите, што не беше случај во првите девет месеци лани. Исто така, зголемувањето на бројот на домашни туристи во однос на странските е многу помало, што загрижува бидејќи тие се важен дел од работењето на овој сектор – изјави Даниела Михајловска-Василевска од Стопанска комора.

Според статистичките податоци, лани кај домашните туристи има пораст од 6,5 проценти, а кај странците зголемувањето е за 14,2 проценти. Бројот на ноќевања во истиот споредбен период кај домашните туристи е зголемен за 6 проценти, а кај странските за 12,3 проценти.

Причината за помалиот број на домашни од странски туристи, хотелските работници ја гледаат во паѓање на стандардот, пополнување на капацитетите со странски туристи, како и во неводењето евиденција во апартманите што не се регистрирани, а се издаваат на странските и на домашните гости.

Во структурата на обемот на промет, се зголемува прометот од храна и од пијалаци, а опаѓа прометот од ноќевања, што исто така ги загрижува хотелските работници.

– Поради намалениот број на домашни туристи и ниските цени, капацитетите се на работ на рентабилноста, што би значело неможност за инвестирање и за подобрување на понудата. Под притисок на зголемен обем на странски гости, од хотелските капацитети се бара да ги симнуваат цените на многу ниско ниво – додаде Михајловска-Василевска.

Од Здружението на угостителство и за туризам се жалат и на нелојалната конкуренција од хотелските објекти, хостели кои се нудат преку вебстраницата „Букинг“ (booking.com) поради несоодветната категоризација која не е според критериумите на Министерството за економија.

Неплатените туристички такси, како и непријавувањето на туристите од одредени приватни сместувачки капацитети, исто така, беа посочени како проблеми.

Туристичките работници бараат стимулирање на порастот на домашни туристи на годишно ниво. Досега, државата дала 10 милиони евра за субвенции на странските туристички оператори.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...