Деветнаесет романи во селекција за наградата „Роман на годината“

фото: Фондација за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“

Од пристигнатите вкупно 35 романи, жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2022 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, ја направи првата селекција во која се одбрани 19 наслови што ја продолжуваат трката за престижната награда.

Жири-комисијата во состав Симона Јовановска, Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева, констатира дека годинашната продукција се одликува со широка жанровска и тематска разноликост.

Селектираните романи за „Роман на годината“ се „Водни тела“ на Ана Аврамовска, „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски, „Луѓето, не градот“ на Снежана Младеновска Анѓелков, „Градски деца“ на Матеј Богдановски, „Бегство од изгрејсонцето“ на Дејан Гаџовски, „Писмо за Глорија“ на Живко Гроздановски, „Смртта не е крај“ на Владо Јаневски, „Само Бог простува“ на Анде Јанков, „Анатрос“ на Гари Кацановски, „Времето пред приказната“ на Мирко Маџунков, „Нема шума без волци“ на Велко Неделковски, „Столб што пее“ на Томислав Османли, „Мастилна мапа“ на Марија Ралповска, „Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков, „Синовите на Адам“ на Михајло Свидерски, „Ние“ на Ана Стојаноска, „Овириум помеѓу светови“ на Агрон Усеини, „Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ и „Естом“ на Никола Андова Шопова.

Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 15 март, а наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.