Детска градинка „13 Ноември“ во општина Центар, Скопје | Фото: архива на Мета.мк

Деветмина вработени во градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани се заразени со коронавирусот, објави на својот профил на Фејсбук градоначалникот Николчо Илијев. Тој повикува на максимална внимателност за да се спречат последици од поголем размер.

Тестирањето на вработените во градинките низ државата е дел од скринингот кој го спроведуваат здравствените власти, пред да ги отворат за згрижување деца.

„Скринингот на вработените покажа дека вирусот е меѓу нас. Со тестовите се утврдија деветмина вработени во оваа јавна општинска установа во Кочани, кои се позитивни на коронавирусот, без да покажат симптоми на болеста. Со ова се потврди и неопходноста од скрининг, бидејќи евентуалното отворање на градинките без проверка на здравствената состојба на вработените, ќе значеше катастрофа. Резултатите од скринингот се посебно важни затоа што ја прикажуваат состојбата и ќе помогнат во борбата против ковид-19. Затоа, повторно апелирам сите да се однесуваме внимателно и одговорно, да носиме заштитни маски, да одржуваме растојание од два метра и хигиена! Да бидеме одговорни! Грижата за личното здравје значи совест кон одржувањето на колективното здравје“, напиша тој на Фејсбук.

Засега нема прецизна најава кога градинките во државата ќе започнат повторно со згрижување деца. Во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека во тек е скринингот на вработените во детските градинки, а паралелно со овој процес, министерството со Институтот за јавно здравје, работат на оперативен план за активностите што установите за згрижување и воспитание треба да ги превземат по укинување на мерките и истиот ќе биде доставен за усвојување до Владата.

„Веднаш по финализирањето на посочените активности, ќе се знае кога точно ќе се отворат градинките“, велат од МТСП.

Пред неколку дена беше објавен и протокол за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по укинувањето на вонредната состојба. Во малите групи не смее да има повеќе од шест деца, а во поголемите, не повеќе од 15. Занималните и просториите ќе треба да се дезинфицираат неколку пати дневно, а масичките и креветчињата треба да се раздалечени едни од други.

Дел од директорите на градинките коментираат дека хигиената нема да биде проблем да се одржува, но се плашат дека социјалната дистанца меѓу децата ќе биде проблем во пракса да се одржи. Гзиме Бакиу е директорка на чаирската градинка „Фидани“, која има шест објекти на територијата на општината. Според неа, проблем ќе биде децата да се држат постојано на одредена далечина.

„Во моментот кога ќе треба да ги отвориме клоновите, во градинка ќе појдат вкупно 75 деца. Толку од родителите се изјасниле, иако вкупно се запишани 900 деца. Не е проблем дезинфекцијата на просториите бидејќи ние тоа и пред ситуацијава редовно го правевме. Проблем мислам дека ќе имаме со држењето на дистанца меѓу децата затоа што тие се многу мали. Тоа се деца, сакаат да си се блиску, да цртаат заедно, да јадат заедно. Сакаат да споделуваат заеднички играчки и баш за овие нешта сум скептик како би се извеле во пракса“, вели Бакиу.