Девет месеци откако се појави проблемот со компримираниот воздух во Клиничкиот центар, денерска е пуштена во употреба нова компресорска станица. Како што изјави министерот за здравство Арбен Таравари, има 3 нови компресори и нова инсталација, а стариот систем ќе служел како бекап ако евентуално се случи повторно да има некаков проблем со редовното функционирање на операционите сали.
„Решаваме проблеми кои ги наследивме. Покриени се сите 18 хируршки сали на Хирургија, салите на ОРЛ и офталмологија и на максилофацијална хирургија. Компресорите функционираат како што треба, ни беа потребни 10 дена за да видиме дека работат како што треба, се користи станицата со сите елементи кои ги исполнуваат сите стандарди по фармакопеја за дистрибуција на гасови“, кажа денеска Таравари.
одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека после јуни ќе започне проект за нови болници во Штип и во Кичево. Во врска со онколошките пациенти изјави дека тие имаат веќе терапија.
„Болниците во Битола, Тетово, Штип и во „8 Септември“ во Скопје мора да дадат терапија на пациенти кои може кај нив да примат, а најтешките пациенти да бидат третирани на Клиниката за онкологија. Дисперација мора да има“, додаде тој.
На крајот на мај лани, се појави проблем со компримираниот воздух на Клинички, што беше причина во хируршките сали интервенции да се изведуваат само врз пациентите кои се итни случаи. Редовната работа и функционирање на операционите сали се наруши откако поради непријатна миризба, тие беа затворени. Поради колапсот, голем товар понесоа „8 Септември“ и Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, на кои повеќекратно им се зголеми бројот на операции кои ги изведуваат.
Мета.мк веќе пишуваше дека колапсот на Клинички ги оптовари останатите ЈЗУ. Така, во Градска болница, за една недела беа оперирани дури 150 итни случаи. Ако ситуацијата продолжи, директорот д-р Љубен Арсенков кажа дека ќе мора да се бара мигрирање на повеќе кадар. Тој додаде дека обемот на работа во интензивната нега и во оперативниот блок е енормно зголемен и тој персонал е на ивица на „burnout“ (прегореност).