Детската згоеност е сериозен проблем кој мора да се решава

Фото: engin akyurt on Unsplash

Институтот за јавно здравје објави труд во кој се анализирани промените на тежината кај седумгодишните деца во Северна Македонија, во периодот од 2010 до 2019 година. Според наодите во документот, зголемената телесна тежина кај седумгодишните деца значајно пораснала од 34,4 отсто во 2010 година, на 37,3 отсто во 2019 година. Згоеноста, пак, пораснала од 16,3 отсто во 2010, на 18,4 отсто во 2019 година. Главен двигател на тоа зголемување била значајно зголемената телесна тежина од скоро 7 отсто кај девојчињата. Биле направени мерења на телесната висина и тежина кај национално репрезентативен примерок на 2.059 седумгодишни деца, во учебните години 2010/2011 и 2018/2019.

„Детската дебелина прераснува во едно од најважните јавно здравствени прашања кои влијаат на индивидуалното и популациското здравје, но и силно ги оптоваруваат здравствените системи. Често е поврзана со негативни последици како психолошки проблеми со зголемен ризик од многу други коморбидитети подоцна во животот како што се дијабетес мелитус тип 2, дислипидемија, замастување на црниот дроб кое не е предизвикано од алкохол, хипертензија и коронарна болест на срцето“, стои во трудот.

Висината на децата за време на испитуваниот период се зголемила за 1,7 сантиметри, а тежината за 1,2 килограми. Како заклучок е наведено дека постои неповолен растечки тренд кој индицира влошување на ситуацијата со детската дебелина во земјата.

„Потребни се посмели и посеопфатни активности кои се однесуваат на исхраната и јавното здравје. Системот на следење на детската дебелина во државата е добро воспоставен и треба да продолжи како еден од клучните јавно-здравствени системи на следење кој обезбедува докази за идни акции“, наведено е во документот.

Постојат сè повеќе докази дека во Европа, прекумерната тежина и згоеноста се загрижувачки во споредба со гладот ​​и недоволната исхранетост. Згоеноста кај децата расте како еден од најважните јавно-здравствени прашања што влијае врз здравјето на поединецот и на населението, но исто така, сериозно ги оптоварува здравствените системи.

„Последните достапни споредбени податоци покажаа дека преваленцата кај седумгодишните деца во С. Македонија се слични со преваленцата набљудувана во Црна Гора, Хрватска, Србија, Португалија и Полска (меѓу 30 и 35 отсто)“, стои во трудот.