Платформа преку која безжично, со гестови, ќе може да се контролира компјутерска игра изработија студентите од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Оваа платформа, која денеска беше промовирана во Штип, е наменета за деца со аутизам и со синдром на дефицит на внимание, познат под кратенката АДХД.

Раководителот на проектот, професорот Сашко Коцески, рече дека платформата е изработена по медицински протокли, во соработка со Детската клиника во Словенија.

– Платформата е наменета е за деца со психосоматски нарушувања или болести. Она што е карактеристично и интересно за овој тип игри е дека практично станува збор за платформа што првпат се развива кај нас. Врз основа на медицински протоколи потоа се преточени командите преку компјутерски јазик во соодветни интерактивни видеоигри – објасни Коцески.

Овој тип игри им е познат на родителите на деца со аутизам, кои на интернет гледале како се користат.

– Би биле пресреќни, еве, во Штип, во Центарот за аутизам доколку би можело да се почне да се користи оваа платформа, бидејќи некои од нашите деца во странство го имаат испробано ова и многу помага, особено за когнитивните способности, а за хиперактивните деца помага да бидат буквално смирени – рече претседателот на здружението „Сплотени срца“, Зоран Мијалков.

Како што најави тимот на Универзитетот, оваа платформа ќе биде достапна за Центрите за аутизам. Студентите веќе изработиле компјутерски игри кои не го врзуваат корисникот за компјутер, туку се игра од дистанца со активирање на мускулите преку движење на рацете, нозете и телото. Овие компјутерски игри се прилагодени не само за децата, туку и за возрасни.