Министерката за правда Рената Десковска денеска појасни дека воведувањето на вонредна состојба не значи забрана на движење, полициски час и затворање на продавниците.

Таа додаде дека ситуацијата не е ништо поразлична отколку претходно со кризната состојба. Ограничувањето на човековите права ќе биде минимално.

„Самото прогласување на вонредна состојба, не значи ограничување на човековите права и начинот на живот. Но постои уставна можност на ограничување на движење доколку постои таква потреба. Прогласување на вонредна состојба и дава можност на Владата да носи уредби со законска сила. Вонредната состојба ќе трае еден месец, со можност за продолжување или прекинување во зависност од епидемијата,“ рече Дескоска.

Таа додаде дека важат мерки кои до сега се донесени и не значи дека со вонредната состојба по автоматизам стапуваат на сила нови мерки. За секоја нова одлука за построги мерки, Владата на време ќе информира.

Дескоска појасни дека уредбите кои ќе ги носи Владата се со законска сила и имаат еднаква правна важност како и законите, оттука се добива можност за измени на законски одредби во сите области. Тоа најповеќе ќе се однесува на делот на економијата каде што ќе има најповеќе мерки за помош. Исто така ќе се создаде можност, преку уредбите да има казни за лицата кои ги зголемуваат цените во време на вонредна состојба, или да се сопре течењето на рокови доколку судовите се затворат, што е малку веројатно.

Премиерот Оливер Спасовски исто така појасни дека за време на вонредната состојба животот на граѓаните нема да запре, односно правата и слободите на граѓаните не се ограничени по автоматизам.

„Вонредната состојба не значи застој на транспорт, ќе се задоволува и потребата од снабдување со храна и лекови. Нема одлуки за нови рестрикции и забрана за движење, исклучок се само Дебар и Центар Жупа кои се жаришта на корона вирусот. Вонредната состојба значи огромна можност и олеснување на Владата да носи уредби со законска сила со цел да го заштити здравјето на граѓаните и да се справи со економските последици,“ рече Спасовски.

Тој упати апел до повозрасните лица да не излегуваат од дома и за секоја потреба да ги контактираат општините и Црвен Крст каде што има волонтери кои ќе помогнат.

На граѓаните им препорача да се придржуваат до мерките, имајќи предвид дека, какви одлуки ќе донесе Владата зависи од почитувањето на препораките. Секое прекршување ќе биде најостро санкционирано, а веќе има такви случаи кога не се почитуваат мерките за самоизолација и се одржуваат собири, што е спротивно на препораките.