Треба да се намали бројот на часови и да се реорганизира начинот на одржување на наставата, така што главните промени ќе бидат во основното образование и тоа во одделeнската настава, изјави денеска министерката за образование и наука, Рената Треневска-Дескоска.

Таа додаде дека учениците се преоптоварени со голем број часови и на тој начин нема ефикасност во учењето.

– Сметаме дека треба да има намалување и на бројот на часови и да воведеме нов наставен план соодветен на учениците од таа возраст. Понатаму, да се воведат методи кои ќе значат креативно изучување на начин кој ќе ги заинтересира децата да ја следат наставата и да учествуваат во неа, а потоа и соодветни материјали кои ќе бидат користени – додаде Треневска-Дескоска.

Министерката за образование и наука посочи дека за сите промени во наставните програми ќе има јавна дебата помеѓу наставниците и експертската јавност.

Треневска-Дескоска информираше дека наставниците, преку апликација која веќе е подготвена, до 15 септември треба да дадат мислење за одредени учебници и да укажат на проблемите.

– До директорите е испратена и лозинка преку кој може да се пристапи до апликацијата. Наставниците ќе можат лично да ги внесат бараните податоци, анонимно и без притисок ќе можат да одговорат на прашања кои нас, како Министерство, нè интересираат – рече Треневска-Дескоска.