fbpx

Дескоска до Груевски: Со еден потпис можете да го спасите народот од Тодоров

-

Барање за разрешување на министерот за здравство, Никола Тодоров, му остави пратеничката на СДСМ, Рената Дескоска, на премиерот Никола Груевски, на денешната седница посветена на пратенички прашања. Таа рече дека како барател е потпишан премиерот и дека ако не го потпише барањето, ќе докаже само дека Тодоров е негов извршител на лошите политики. Од премиерот доби одговор дека секое барање треба да има смисла и аргументи.

– Нефункционирањето на здравствениот систем предизвикува страшни последици. Починато новороденче во Тетово, малите Тамара и Ана Марија, неколку родилки, а сè уште нема ниту одговори ниту, пак, одговорност за овие случаи. Несоодветното и нестручно водење на здравството. Нема соодветни услуги, нема ништо. Гинекологијата е една од најзагроените гранки. Условите за работа во болниците се катастрофални. Во јавното здравство има само 128 гинеколози од кои 80 во Скопје. Граѓаните сè повеќе плаќаат, а добиваат помалку услуги – рече Дескоска.

Таа вели дека игнорантскиот однос на Никола Тодоров покажува дека нема чувство на одговорност.

– Да имаше, тој одамна ќе заминеше од челната позиција, а немаше ни да се нафати да раководи со ресор за кој е апсолутен лаик. Знам дека милувате да шетатате со камери и со микрофон и да решавате проблеми на граѓаните преку телефон. Еве, денеска Ви давам шанса да решите  голем проблем на граѓаните – рече Дескоска.

Премиерот Груевски на ова рече дека ја разбира потребата на опозициските пратеници да бараат оставки од министрите, но дека тие треба да бидат поткрепени со аргументи.

– Сакам да укажам на неколку работи. Јас ја разбирам потребата на опозициските пратеници да бараат оставка од министри, тоа е легитимно, но тие треба да имаат смисла, треба да има одредени нешта што ќе го поткрепат со аргументи, а не само да се впери прстот во некој. Најпрво да се потсетиме што остави СДСМ во здравството во 2006 година во овој ресор: хаос, ситуација во која немаше никакво инвестирање во здравството. Буџет кој е 11 пати помал од она што е денес. Никаков систем, никакви обуки, никакви инвестиции. По мандатот на ВМРО-ДПМНЕ има голем пресврт и големо подобрување. Тоа не значи дека не може да биде подобро и дека нема проблеми – одговори премиерот Груевски.

Пратеничката Дескоска не беше задоволна од одговорот и му порача на премиерот да ги провери извештаите од Фондот за здравство за да види во чие време повеќе се ценел човечкиот живот.

– Не сум задоволна од одговорот, но немам дополнително прашање. Бегањето од одговорност не е одговор – рече Дескоска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...