Десет најдобри фирми носители на сертификатот „Excellent SME Macedonia“ добија награди од Стопанската комора на Македонија, за резултатите што ги постигнаа минатата година.
„Excellent SME Мacedonia“ е сертификат за деловно работење кој Стопанската комора на Македонија почнувајќи од 2013 година го издава во соработка со познатата агенција за кредитен рејтинг „COFACE“ – Хрватска за најуспешните мали и средни компании во Македонија.
Овој сертификат до крајот на 2015 година го имаат над 100 финансиски успешни мали и средни правни субјекти кои работат во Македонија, кои заедно остваруваат годишен промет поголем од 520 милиони евра, профит од 25 милиони евра и вработуваат околу 4.500 работници.
Главната цел на сертификатот, која се совпаѓа со ЕУ-директивите, е да се промовираат малите и средни компании, да се обезбеди и да се осигура бизнисот, добрите бизнис-пракси и да се зголеми пазарната транспарентност.
Стопанска комора на Македонија денеска организираше настан за вмрежување помеѓу компаниите носители на „Excellent SME Macedonia“ сертификатот и членовите на Клубот на менаџери-претприемачи при оваа комора.
На денешниот настан присуствуваа повеќе од 110 компании носители на овој сертификат и 40 компании од Клубот на менаџери-претприемачи.