Десет романи во трка за наградата „Роман на годината“

фото: Фондација за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ (март 2023)

Вкупно десет романи останаа во конкуренција за престижната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Од Фондацијата информираа дека на годинашниот конкурс пристигнале дури 35 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот е стеснет на десет.

Втората селекција на жирито ја поминаа романите: „Водни тела“ на Ана Аврамовска, „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски, „Писмо за Глорија“ на Живко Грозданоски, „Анатрос“ на Хари Кацановски, „Времето пред приказната“ на Мирко Маџунков, „Нема шума без волци“ од авторот Велко Неделковски, „Столб што пее“ на Томислав Османли, „Синовите на Адам“ на Михајло Свидерски, „Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ и „Естом“ на авторката Николина Андова Шопова.

Насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на 15 март.

„Роман на годината“ се доделува по 24 пат, а наградата се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.