Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе кофинансира обука на десет пилоти, кои денеска добија уверенија, откако беа избрани на оглас што минатиот месец го распиша Агенцијата. На новите пилоти ќе им бидат доделени средства во висина од 50 отсто од вредноста за да завршат почетната обука или околу 4.000 евра за секој, најавија денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на АЦВ Драги Стојаноски.
Уверенија за кандидати за приватен пилот на авион PPL-A SEP land добија седум лица, за пилот на ултралесни воздухоплови (ULPL) две лица, а за пилот на едрилица по програма со аерозапрега (SPL) едно.
„Состојбата со воздухопловен персонал во земјата е критична заради што одлучивме дел од средствата наменети за Агенцијата да ги вложиме во развој на воздухопловството. Ќе создадеме нови воздхопловци, а очекуваме и да ги раздвижиме активностите во спортските клубови и аеродроми, кои некогаш биле основа за содавање на персонал“, рече Стојаноски.
Тој најави дека ќе биде распишан уште еден оглас за нови девет кандидати и вети дека ќе бидат избрани тие што ќе покажат најдобри резултати. Тој најави дека идната година може да се предвидат и поголеми средства и да се финансираат и понапредни обуки.
Недостатокот од пилоти во земјава е хроничен, а во последните години најмногу се чувствува во летниот период кога се актуелни пожарите. Дирекцијата за заштита и спасување има три авиони за гаснење пожар и еден активен пилот, заради што веќе две години по ред ангажира двајца пензионери. Недостасуваат пилоти и во АЦВ и во МВР.
„Ја согледавме состојбата заради што и продолжуваме со поддршката, процесот е отворен и транспарентен, се надевам дека на идниот повик ќе има уште поголем интерес“, рече Николоски
