Десет осигурителни компании направиле картел кога се договарале меѓусебно за да ја зголемат цената на осигурувањето автомобил, што се плаќа при регистрација на возилата. Евроинс, Триглав, Сава, АД Македонија Скопје-Виена Иншуранс, Еуролинк, Граве, Уника, АД Осигурителна полиса, Халк и Кроација се десетте осигурителни компании кои ги прекршиле сите принципи на пазарно работење и конкурентност, за да можат да заработат на грбот на сопствениците на возила, информираа од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Оваа активност, се одвивала од март до мај минатата година, заради што Комисијата на компаниите им изрече вкупна глоба од над 17 милиони денари или над 280.000 евра, односно во просек по 28.000 евра за секоја од компаниите.

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди постоење на усогласено однесување (картел) помеѓу десет осигурителни компании на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност (АО), кое секој сопственик на моторно возило задолжително мора да го плати при регистрирање на возилото. Во постапката беше утврдено дека осигурителните компании разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток, велат од Комисијата.
Посочуваат дека однесувањето на осигурителните компании претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда на Законот за заштита на конкуренцијата.

Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането, велат од Комисијата.