Течението на Црна Река низ Скочивирската клисура во јужниот дел од земјата каде се планира изградбата на хидроелектраната | Фото: Petrovskyz на Викимедија комонс, CC BY-SA 4.0

Десет големи светски компании од областа на енергетиката и градежништвото поднеле понуди за ХЕЦ „Чебрен“ во фазата за претквалификација, односно понуди за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроцентрали на Црна Река, соопшти Владата. Посебна комисијата од Владата во наредниот период ќе врши евалуација на нивните апликации и ќе оцени дали компаниите ги исполнуваат условите од тендерската документација.

„Квалификуваните понудувачи ќе бидат поканети во втората фаза, во која ќе можат да достават комплетни понуди за проектот и за нивно учество во Јавно-приватно партнерство со АД Електрани на Северна Македонија, за изградба на овој капитален енергетски објект“, се вели во соопштението на Владата.

Денеска се отворени пристигнатите понуди од 10 конзорциуми. Тоа се: CONSORTIUM ЕNКА – COLIN – Турција, CONSORTIUM PPC – ARCHIRODON -Грција, EDF – Франција, CONSORTIUM COBRA – COBRA HIDRAULIKA – Шпанија,  CONSORTIUM EVN – VERBUND – Австрија, WEBUILD SPA ITALIA (SALINI) – Италија, GEZHOUBA GROUP CHINA – Кина, POWER CONSTRUCTION CORPORATION OF CHINA – Кина, CONZORTIUM OZALTIN – YAPI MERKEZI – Турција и CONSORCIUM EIFFAGE-WATERLU-ANDRITZ-NORCONSULT – Франција, Австрија.

Владата соопшти и дека преку ЕСМ ќе ангажира трансакциски советник кој ќе ја изработи тендерската документација за втората фаза, со цел успешна реализација на проектот. Се потсетува и дека досега имало бројни обиди за изградба на оваа голема хидроелектрана, а дека оваа Влада направила сериозни напори и подготовки одново да го стартува овој проект.

„ХЕЦ „Чебрен“ се планира да се оствари по принципот на јавно-приватно партнерство (ЈПП ), во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата, а инвестициската вредност ќе изнесува минимум 500 – 600 милиони евра. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333-458 мегавати, за годишно производство од 1.000-1.200 гиват-часови електрична енергија (ЕСМ сега вкупно, годишно произведува околу 4.000 GWh) и со годишна заштеда од 913.000 тони на јаглероден диоксид“, соопштија од Владата.