Десет камиони со згура од топилницата во Велес заминаа за Србија и Косово

фото: „Кепс монт груп“

Десет камиони со згура од почетокот на неделава од велешката топилница заминаа за Србија и Косово. Процесот на извезување на техногената минерална суровина веќе започна, а првите 300.000 тони ќе се преработуваат во соседството. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски на прес конференција информираше дека заради актуелната состојба со аерозагадувањето, меѓу општината и операторот е договорено активностите да бидат минимални и строго контролирани, а на ден да се товараат по четири камиони.

фото: „Кепс монт груп“

„Операторот „Кепс Монт Груп”, што стопанисува со ридот со олово-цинковата троска, од 17 ноември почна со активности за ископ, сеење, товарење и транспорт на техногената минерална суровина од локацијата „Баш колиби”, позната како депонија за оловно-цинковна јаловина на поранешната велешка Топилница за олово и цинк „Злетово“. Операторот на инсталацијата е должен активностите да ги изведува согласно условите и мерките пропишани во Б-интегрираната еколошка дозвола што ја издадовме на 2 октомври во 2019 година“, информираше на прес-конференција градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Тој појасни дека операторот, за почеток, треба да извезе 150.000 тони техногена минерална суровина во Косово и исто толку во Србија. Коцевски информира дека на локацијата е поставена сепарација и агрегат за обезбедување на електрична енергија, а во скоро време се очекува поврзување на инсталацијата на системот за снабдување со електрична енергија. Нагласи дека Општина Велес е во постојана комуникација со операторот и ја следи состојбата.

На локацијата кај црниот рид со троска пред десетина дена започна сепарирањето на суровината од комунален и градежен шут, кој пак, ќе го депонира општинското јавно претпријатие „Дервен“. Од компанијата концесионер „Кепс монт груп“ велат дека досега е извадено секакво ѓубре од црниот рид.

„Имаше фрижидери, машини за перење, многу градежен шут, но и друго различно ѓубре. Сето се депонира на различните локации на ‘Дервен’, кој понатаму ќе постапува како и со другиот отпад“, посочуваат од концесионерот „Кепс монт груп“. Тоа е српска компанија која се занимава со градежништво, градба на бродови, градба и реконструкција на индустриски капацитети, обуки за заварување, како и со трговија. Компанијата, која има свои испостави во Италија, Романија, Русија и Бугарија, има и големо искуство во извоз на јаловина од Србија и Косово во Кина.

Според проценките, за да се исчисти големиот црн рид ќе бидат потребни околу четири години. Освен во соседството, Кепс монт груп ќе соработува и со компанија од Турција, која ќе ја преработува суровината на Блискиот Исток. Во црниот рид има од шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид кои можат да се искористат како секундарна суровина. Во троската има и арсен, кадмиум и други опасни елементи, кои се наоѓаат во трагови и со оглед на тоа дека не се слободни, туку врзани со други елементи, не претставуваат опасност по здравјето на жителите на Велес.