Десет генерации станале електротехничари, без учебник по електротехника  

-

Повеќе од 10 генерации ученици што учеле во тригодишно образование во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, станале електротехничари, без да учат од учебник по основниот и главен предмет, електротехника. За да можат да ја усвојат материјата и да бидат оценети, тие учеле, но сè уште учат од диктати на нивните професори или пак, од прирачници, а неретко користат материјали од Интернет.

– Овој проблем не е од сега, тој трае со години. Во нашето училиште нема учебници по речиси ниту еден стручен предмет. Само четири учебници има на насоката електроника и телекомуникации. Учениците запишани на насоката  Енергетика имаат само еден учебник, а им фалат учебници по уште најмалку шест предмети. На насоката компјутерска техника и информатика имаат само два учебника. Мора да се решава постепено овој проблем – вели Димитар Ѓеоргиев, директор на училиштето.

Во ова училиште, веќе неколку години функционира ЕВН паралелка, во која исто така не се учи од учебници бидејќи ги нема, туку се учи од прирачници. Постојат австриски учебници што можат да се користат, но не смеат, оти за еден учебник да се користи во наставата, мора да биде одобрен и да ги помине сите филтри во согласност со македонските закони.

Учебници недостигаат во сите стручни училишта во државата. Средношколците немаат од што да учат затоа што професорите не се доволно мотивирани да се пријавуваат на конкурсите што ги распишува Министерството за образование и наука, зашто трудот е огромен, а парите за тоа што ги плаќа државата се малку.

Вања Велева, директорката на педагошката служба, смета дека вината за недостигот на учебници не не треба да се бара во една институција.

– По оние предмети за кои не постои учебник, професорите треба да бидат креативни и да најдат начини како да го предадат материјалот. Во Центарот за стручно образование има советници што вршат увид во нивната работа и тие им посочуваат на наставниците и професорите кои ресурси можат да ги користат – вели директорката.

Таа информира дека има недостиг од автори за учебници од текстилната струка, од здравствената, кожарската струка, сообраќајната, струка. Проблем има и со учебници по компјутерски науки, која е област што постојано напредува, а нема учебници. Конкретни решенија од МОН во врска со овој проблем, засега нема.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...