Депонијата во Визбегово и понатаму се полни и гори, инспекторите откриле камион со отпад од Шуто Оризари

Фото: Државен инспекторат за животна средина

Камиони од Шуто Оризари кои фрлале отпад во дивата депонија во Визбегово биле откриени од инспекторите на Државниот инспектопрат за животна средина кои вчера извршиле вонреден надзор. Депонијата во Визбегово е еден од најголемите еколошки проблеми на градот и голем загадувач на воздухот, со оглед на тоа што постојано гори. Инспекторите на лице место констатирале дека капијата, која мора да е заклучена и да ја заштитува локацијата од дополнително полнење со отпад била отворена, а внатре имало камион кој истурал смет. Контролата била направена по претставки од граѓани дека депонијата нелегално се полни, постојано гори и ослободува гасови кои ги дразнат грлото и очите.

Фото: ДИЖС

„Во моментот на надзорот капијата беше отворена, за да се пропушти камион кипер од општина Шуто Оризари да исфрли отпад. Инспекторите утврдија дека од двете страни на пристапниот пат се депонира градежен шут, комерцијален и индустриски отпад, додека на крајот од патот депонијата се проширува и завршува во огромна дупка што се исполнува со различни видови отпад, вклучително и комунален. Долж патот, а особено на проширувањето на депонијата, беа видливи траги од опожарување. Отпадот депониран покрај дупката тлееше на повеќе места. Беа присутни лица кои одделуваа пластика од депонираниот отпад. Возачот на камионот и лицето кое ја отворило капијата информираа дека киперот фрлил земја за да изврши прекривање на отпадот што се пали, но инспекторите утврдија дека земјата беше истурена покрај дупката“, велат од Државниот инспекторат.

Фото:ДИЖС

Инспекторите одржале и состанок со градоначалникот на Општината Шуто Оризари, Курто Дудуш, кому му ги потенцирале обврските да ја одржува јавната чистота и да постапува со напуштениот отпад во неурбанизираниот дел од општината. Градоначалникот Дудуш, пак  посочил дека депонирањето на отпад во Визбегово нелегално го вршат правни и физички лица и дека општината е немоќна тоа да го спречи. Инспекторатот најави дека по последната контрола ќе испрати барање до градоначалниците на Општината Шуто Оризари и Градот Скопје да преземат итни мерки за расчистување на депонијата и за соодветно уредување на земјиштето.

Вонредната контрола на Инспекторатот резултираше со најава дека министерот за животна средина Насер Нуредини, заедно со градоначалниците на Скопје, Бутел и Шуто Оризари, Петре Шилегов, Велимир Смилевски и Курто Дудуш утре ќе ја посетат депонијата во Визбегово и ќе ги соопштат деталите на акцијата за нејзино чистење.