Просторот кој се наоѓа зад Основниот суд Куманово и во близина на Полициската станица е претворен во напуштен простор каде со месеци се паркирани многу стари возила. Граѓаните бараат тој простор да се расчисти, бидејќи истиот може да се користи како паркинг. Од Општинскиот инспекторат соопштија дека ќе ги отстранат старите возила, но не беше кажано кога ќе го направат тоа, пишува Порталб.мк.
На просторот зад Основниот суд и во близина на полицијата во Куманово на улицата „11 Октомври“ кој граѓаните го користат и како паркинг има многу стари возила кои веќе подолго време стојат таму, а таму е фрлен и цврст отпад.
Фото:Порталб.мк
Граѓаните на Куманово бараат овој простор да се исчисти од старите возила бидејќи сметаат дека може да се користи како паркинг.
„Живеам во близина и често поминувам тука и сум ги забележал старите возила кои веќе долго време се на тоа место. Овие возила се стари и никој не презема ништо во врска со нив, а ние граѓаните можеме да го користиме тој паркинг простор“, изјави еден жител на Куманово.
Друг жител на Куманово побара овој простор да се исчисти што поскоро.
„Овој паркинг можат да го користат вработените во општина Куманово, Основниот суд и кумановската полиција бидејќи е во нивна близина, а понекогаш можеме да го користиме и ние граѓаните. Се случувало да имам некоја работа во полициска станица и да се паркирам таму, и едвај успевав да излезам без да го оштетам возилото бидејќи е катастрофа“, изјави друг жител на Куманово.
Директорот на ЈП „Градски паркинг“ во Куманово, Андреј Маџовски, рече дека овој простор се користи како бесплатен паркинг и дека не е во нивна надлежност.
Треба да се консултирам со Министерството за внатрешни работи и со Основниот суд во Куманово и да видам дали се нивни и потоа да преземам мерки“, вели Маџовкси.
Во меѓувреме, од Општинскиот инспекторат Куманово истакнаа дека се во завршна фаза на потпишување на меморандум за соработка со еден оператор за управување со посебен отпад.
„По потпишувањето на меморандумот за соработка, ќе се пристапи кон отстранување на сите напуштени возила кои не се во исправна состојба (а се пријавени како отпад, односно избришани од евиденцијата на МВР)“, велат од Општинскиот инспекторат.
Оттаму додаваат дека возилата што се наоѓаат на паркингот зад Основниот суд во Куманово се претежно возила запленети од Шумската полиција, а по добиените информации за состојбата на овие возила ќе поведат постапка за нивно отстранување.
Иако од Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово ни потврдија дека ќе ги разгледаат новинарските прашања за овој проблем, до објавувањето на овој текст не добивме никаков одговор.
Инаку, хаосот во сообраќајот продолжува да царува во Куманово, при што голем проблем е неправилното паркирање на возилата и немањето паркинзи.