Од утре до сабота македонската публика ќе има можност да ги погледне три словенечки филмови во рамките на Деновите на словенечки филм во Кинотека. Фестивалот ќе биде отворен на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања.
Во петок ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник, акциско-авантуристичко дело кое следи група млади скејтери кои се борат да го спасат своето маалско игралиште.
Завршната вечер, во сабота е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија и досега има освоено две меѓународни награди.
Организатори на Деновите на словенечки филм во Скопје се Словенечкиот филмски центар, Амбасадата на Република Словенија во Скопје и Кинотека на Македонија. Сите филмови ќе бидат прикажани со македонски и англиски превод.