Во организација на Европската комисија (ЕК), во Подгорица, Црна Гора се одржува најголемата медиумска конференција за Западен Балкан. Конференцијата која се одржува по трет пат, ги истакна проблемите со кои се соочуваат медиумите од регионот, предизвиците и можните решенија за да функционираат слободно и независно, а со тоа и да ја одржат во живот демократијата во земјите кои излегле од комунизмот, пренесува „Порталб.мк“ од местото на одржување на конференцијата.

Конференцијата беше отворена од комесарот за проширување на Европската унија, во заминување Јоханес Хан, и кој потенцираше дека обезбедување на слобода за медиумите е од суштинско значење за членството на земјите на Европската унија.

„Оваа наша порака е кристално јасна. Не можете да напредувате на патот кон Европската унија со непочитување на слободата на медиумите и слободата на говор“, рече тој, меѓудругото во видео порака за присутните.

Потоа, говор одржа министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ кој рече дека е неприфатливо, и во денешно време новинарите да се апсат, да се третираат лошо дури и да се убиваат. Тој додаде дека тоа мора да се промени.

Директорот за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон изјави дека конференцијата има две главни цели, ја нагласува најголемата загриженост за политичките и другите притисоци што ги доживуваат медиумите и новинарите и да се отвори дебата фокусирана на изнаоѓање квалитетни решенија за овие проблеми.

„Сега е време нашите партнери од Западен Балкан да спроведат сериозни реформи во медиумскиот сектор и со тоа да докажат кредибилна посветеност на европските вредности и стандарди. Слободата на медиумите и слободата на говор се темелите на изградбата на Европската унија. Нема преговори со ЕУ без да се гарантираат тие“, рече Даниелсон.

Тој додаде дека од 2014 до 2020 година, ЕУ обезбеди 20 милиони евра за поддршка на медиумите во Западен Балкан.

Во главната панел-дискусија со новинари на тема „Обезбедување слобода и одржливост на независните медиуми во Западен Балкан“ се зборуваше за самофинансирањето на медиумите како предуслов за нивната независност.

„Медиумите работат во многу непријателско опкружување кон нив. Немаме слободен пазар, така што нема самоодржливост. Новинарите имаат три вида притисоци политички, финансиски и правни. Само меѓународните донатори ги одржуваат живите независните медиуми кои не се фатени во политиката“, рече Марија Ристиќ, новинарка од БИРН Србија.

Геновава Руиз Калавера од Дирекцијата за проширување на Европската комисија ја истакна конкретната помош на ЕУ за медиумскиот сектор во текот на оваа деценија.

„Важно е дека сега службениците од Западен Балкан барем ја разбраа реалноста што ја обележуваме во извештаите за напредок на секоја земја. Тие знаат дека започнувањето на преговорите со ЕУ е директно поврзано со реформите за демократизација на земјата. И нема демократија без слободните медиуми“, рече  Калавера.

Таа ја истакна важноста да се осигури дека новинарите се безбедни кога работат и дека државите треба да го обезбедат ова, како и просторот за развој на успешни деловни модели за медиумите да бидат независни.

Курт Басуенер од универзитетот „Свети Ендрус“ повеќе зборуваше за странските влијанија во Западен Балкан, особено за руските, турските и кинеските влијанија. Тој рече дека овие авторитарни земји сакаат да управуваат со хаосот, корупцијата и кревката демократија за да можат полесно да го развијат своето влијание во овие земји.

„Медиумите се моќен начин за влијание на Западен Балкан. Тие го прават ова заедно со водечките елити во овие земји и ја одалечуваат државата од европските реформи и вредности “, рече меѓу другото Басуенер.

Конференцијата од ваков вид, која започна во 2017 година, има за цел да обезбеди слободата на медиумите и да остане приоритет во справувањето со сложените политички, економски и социјални теми што регионот ги доживува во моментот.

Утре на конференцијата ќе се одржи дебата со политичките претставници од регионот надлежни за медиумите и информатичкиот сектор во панелот „Политиките и медиумите“.

Од кај нас на конференцијата учествува Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Конференцијата минатата година беше организирана во Скопје.