„Денот на црвот“ од Симона Јовановска ја доби наградата „Роман на годината“

фото: @elisa_cb на Unsplash

Делото „Денот на црвот“, кое е прв роман на авторката Симона Јовановска, ја доби наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е издаден во 2021 година од страна на издавачката куќа „Или-или“, во едиција на „ПроАза“.

Како што соопштија од Фондацијата „Славко Јаневски“, официјалното врачување на наградата е планирано за септември, а победничкиот роман за првпат годинава ќе се промовира низ целата држава.

Во најтесниот круг за наградата „Роман на годината“, од вкупно 39 влегоа четири романи – покрај „Денот на црвот“  на Јовановска и „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ и „Деса“ од Ивана Трајаноска.

Романите ги оценуваше жири-комисија во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска- Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.

Ова е 23-то свечено доделување на наградата што е широко општествено прифатена и етаблирана од страна на Фондацијата „Славко Јаневски“, а која претходно ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“. Минатата година лауреат беше „Скриени желби, немирни патувања“ на авторот Владимир Јанковски во издание на „Антолог“.

Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.