Протестот против одлуката на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, да ги помилува сите политичари против кои се водат истраги или правосудни постапки, продолжува и денеска во 18 часот, а почетокот е закажан пред просториите на Специјалното јавно обвинителство.
Во објавата на „Фејсбук“ стои:
„Продолжуваме со мирен собир за поддршка на СЈО денес во 18.00 часот и ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да ни се придружат. Се собираме пред СЈО, продолжуваме со марш до Министерството за Неправда и Народната канцеларија на Непретседателот. Протестот ќе заврши пред Собранието на Република Македонија кое го изгласа СЈО, со поддршка на сите парламентарни партии. Нема да ви помине аболицијата на криминалните политичари и укинувањето на СЈО!“
Инаку, протестот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во најголем дел помина мирно, освен неколку туркања меѓу демонстрантите и полицијата.
Мирно заврши и протестот во непосредна близина на седиштето на СДСМ.