Собранието ќе гласа за новите министри на ДУИ

Собранието на Македонија денеска на пленарна седница треба да ги констатира оставките на министрите и на замениците министри од ДУИ и да ги избере новите министри што синоќа ги предложија лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, и претседателството на партијата.

Кандитатите за министри и за заменици министри што ги предложи Ахмети се нови имиња, досега непознати на политичката сцена.

Фестим Халили е предложен на местото заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, Арбер Адеми за заменик претседател на Влада задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Валдет Џафери за министер за правда, Пиштар Лутвиу за министер за образование и наука, Дритон Кучи за министер за економија, Башким Ахмети за министер за животна средина и просторно планирање, Шухрете Елези за министер за локална самоуправа, Арлинд Зеќири за министер без ресор задолжен за странски инвестиции.

Од кабинетот на техничкиот премиер, Емил Димитриев, вчера соопштија дека тој ги прифатил оставките на министрите на ДУИ и во согласност со процедурата тие се испратени до Собранието.