Фото: Sara Melo Gago on Unsplash

Заклучно со денешниот ден, 16 јуни, се затвора јавниот повик за потврди-ваучери за организиран одмор за работници со ниски приходи. Јавниот повик беше објавен на 8 јуни, со краен рок за аплицирање 30 јуни, но за една недела од објавувањето, во архивата на Министерството за економија се пристигнати над 2.600 апликации, повеќе од двојно предвидените ваучери.

„Министерството за економија ги известува сите граѓани дека заклучно со денешниот ден 16 јуни (среда) се затвора јавниот повик за издавање на потврда-ваучер за користење на средства за организиран одмор на работници со ниски приходи, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари“, соопштија од ова министерство.

Мерката е во рамки на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања. Тие можат да се користат во категоризирани угостителски објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во земјава, а кои претходно се пријавени во Министерство за економија.

Оваа година за реализација на мерката се предвидени 15 милиони денари за вкупно 1.250 ваучери.