Државниот натпревар по кодирање за ученици на возраст од 10 до 15 години се одржува денеска, а на него ќе учествуваат 15 ученички тимови со проекти изработени со примена на микробит уред, информираат од Министерството за образование и наука.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска го отвори натпреварот кој го огранизира Британскиот совет во рамки на регионалната програма „Училишта на 21-от век“ финансирана од Владата на Обединетото кралство, а во која Северна Македонија учествува трета година по ред.
Тимовите меѓусебно се натпреваруваат за првото место на национално ниво, кое обезбедува учество на регионалниот натпревар по кодирање, во кој учествуваат ученици од земјите од Западен Балкан.
Посакувајќи им успех на сите учесници на натпреварот, министерот Шаќири рече дека е горд на новите генерации кои покажуваат висока креативност, иновативност и желба за развој на дигиталните вештини со кои создаваат проекти кои можат да бидат применливи за надминување на разни предизвици од секојдневието.
Пред почетокот на натпреварот, честитки за досегашните постигнати резултати и желби за освојување на првото место на ученичките тимови им изрази и директорката на Британскиот совет Елеонора Запрова.
„Училишта на 21 век“ е програма што се имплементира од Британскиот совет во шест земји од регионот, вклучително и нашата, со целосна финансиска и логистичка поддршка на Британската влада. Целта на програмата е учениците да стекнат нови дигитални вештини и да ги развијат вештините за критичко размислување и решавање проблеми, меѓу другото, и преку примена на микробит уреди.