fbpx

Денеска се одбележуваат 30 години независна и самостојна македонска држава

-

Три децении од независноста на земјава денеска ќе се одбележат во Скопје и ширум целата држава. На 8 септември 1991 година се одржа референдумот за независност, на кој над 96 отсто од населението во тогашна Социјалистичка Република Македонија одговори со „ЗА“ на референдумското прашање „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“. На референдумот излегоа на гласање над 75 отсто од целокупното население во земјава.

По 30 години, Северна Македонија денеска со серија на настани ќе го прослави Денот на независноста – 8. Септември. Централната манифестација ќе започне во 17:30 часот пред Собранието, со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ на Живоин Глишиќ. Официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната од Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери и премиерот Зоран Заев. Централната манифестација е замислено да има и музички дел, кој ќе започне во 19:30 часот.

Прославата на независноста ќе се одвива според важечките протоколи и актуелната состојба со ковид-19 пандемијата. На настанот предвидено е да присуствуваат ограничен број од околу 1.000 граѓани, кои веќе обезбедиле бесплатен билет и кои задолжително ќе треба да приложат вакцинален сертификат или потврда за прележаност од ковид-19 при влез на настанот.

Честитки по повод одбележувањето на 30 години од независноста на земјава пристигнуваат од највисоките државни претставници од светот. Американскиот претседател Џо Бајден од името на американскиот народ, го честиташе Денот на независноста на Северна Македонија. Бајден во честитката вели дека годинава ја одбележуваме и 25-годишнината од нашите дипломатски односи и силното пријателство меѓу двете нации на САД и Северна Македонија.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз денеска им го честиташе Денот на независноста на сите граѓани, со желби за просперитет за сите граѓани и со очекувања дека меѓусебната соработка меѓу двете земји ќе продолжи и во наредните години.

И британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј упати честитки по повод 30 години од независноста.

„Откако за прв пат ја отворивме нашата Амбасада во Скопје во 1993 година, заедно бевме исправени и пред многу предизвици. Ќе продолжиме да го правиме истото и во иднина и ќе ги продлабочуваме нашите врски. Заедно ќе се залагаме за евроатлантска интеграција. Тоа нè прави сите нас побезбедни и ни носи економски придобивки. Ќе соработуваме во справувањето со климатските промени и во заштитата на нашите најранливи еколошки и животни средини. Ќе соработуваме и во зајакнувањето на демократијата и во градењето на иднината која нашите граѓани сакаат да ја имаат. Ќе застанеме рамо до рамо промовирајќи го мирот и стабилноста во регионот. Горда сум што сето ова го правиме заедно како партнери, сојузници и пријатели“, напиша на својот блог британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир во своето видео обраќање на сите граѓани им го честиташе одбележувањето на 30 години од Денот на независноста – 8. Септември.

„Во текот на три децении, оваа земја направи големи чекори минувајќи низ некои турбулентни времиња, но исто така совладувајќи многу предизвици. Гледајќи назад, има многу причини за гордеење. Независноста беше постигната на мирен начин, без крвопролевање. Десет години подоцна, луѓето од оваа земја повторно го избраа патот на мирот преку договор помеѓу заедниците, кој е пример за регионот и пошироко“, изјави евроамбасадорот Гир.

Инаку, прославата на Денот на независноста – 8. Септември утрово започна со положување цвеќе и оддавање почит на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата „Бутел“ во Скопје од страна на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министри од актуелниот владин состав.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мерките што важеа во ковид пандемијата злоупотребени за антикампања на Филипче

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот и за глобалната пандемија, која имаше влијание врз целиот свет во поглед на економијата и бизнисот, а и неосновано се обвинува...