Под мотото „Наша сила, наша планета“ денеска светот го одбележува 22 Април, Денот на планетата Земја. Фокусот, годинава е на колективната климатска акција, намалувањето на пластичниот отпад и инвестирање во обновлива енергија. Повеќе од една милијарда луѓе во 193 земји ќе бидат дел од активности како што се чистења, едукација и климатски акции, а организаторите порачаа дека еколошкиот напредок се гради преку секојдневно дејствување – од заедници кои ги штитат екосистемите до иноватори кои унапредуваат решенија.
„Чистиот воздух, безбедната вода и климатската отпорност не се опционални – тие се од суштинско значење. За Денот на планетата Земја 2026 година, се мобилизираме во голем обем. Секоја акција е важна. Секој глас е важен“, е пораката за годинава.
Од еколошката организација „Еко свест“ велат дека на одбележувањето на овој ден, заедниците, организациите и владите уште еднаш се охрабруваат да се справат со еколошките предизвици, како што се намалување на емисиите на јаглерод, борба против уништувањето на шумите и промовирање зелени површини. Извршната директорка Ана Чоловиќ Лешоска на Националната конференција за природа, каде учествуваа претставници на локални иницијативи против девастација на природата од инфраструктурни проекти посочи дека во земјава локалното население успешно води битки за зачувување на природата и нивниот глас треба да се поддржи.
