Денеска почнуваат уписите во средните училишта, дуални паралелки има во 25 општини низ земјава

Средно училиште „Јосип Брзо Тито“ | Фото: Архива на Мета.мк

Уписите во средните училишта низ земјава започнуваат денеска и ќе траат во наредните три дена. Министерството за образование и наука во објавениот Конкурс наведува дека во јавните средни училишта слободни се 30.053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта ширум земјава.

Во јунскиот уписен рок, првото пријавување ќе се одржи на 14 јуни од 12 до 19 часот, на 15 и 16 јуни средните училишта ќе примаат пријави од 7 до 19 часот, додека на 17 јуни пријавувањето ќе трае од 7 до 15 часот. Ранг-листите ќе бидат објавени на 17 јуни по 16 часот, додека квалификациското тестирање ќе се организира во училиштата на 21 јуни и на тој датум ќе бидат објавени конечните ранг-листи.

Второто пријавување во средните училишта ќе се одржи на 23 и 24 јуни, додека третото е закажано за 30 јуни. Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, односно на 23 август.

Пред запишувањето на средношколците, Министерството за образование и наука организираше кампања „Учи паметно, работи стручно“, со која го промовираше дуалното образование во соработка со средните стручни училишта, локалните самоуправи и стопанските комори. Годинава на средношколците им се нудат 97 дуални паралелки, во 46 средни училишта од 25 општини. Овие средношколци ќе добијат можност за обука директно во компании со кои средните училишта се договориле да соработуваат.

Од вкупниот број на слободни места во прва година средно образование, 19.602 места се во стручното образование во 604 паралелки, 9.261 место се во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 места во 35 паралелки се за училиштата од уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко-информатичка гимназија.