Денеска почнува он-лајн гејминг неделата со хуманитарен карактер

Македонската Еспорт Асоцијација од 24 до 28 декември ја организира он-лајн гејминг неделата, во чии рамки се предвидени натпреварувањата во три игри. Сите овие натпреварувања ќе се одвиваат он-лајн и со мотото #HelpTheOthers, со цел помагање на сите оние кои им е најпотребен персонален компјутер, дали за он-лајн предавања и учење или пак работа. За да приказната биде уште поуспешна, овој настан со хуманитарни цели го реализираат заедно со Донирај Компјутер и европеецот на годинава, Борче Стаменов.

Од денеска до вторник ќе има натпреварувања во League of Legends, една од најиграните игри кај младата популација, со натпреварување 1 против 1 во текот на денешниот ден, утре ќе се игра Dota 2 со натпреварување 1 против 1, додека Counter-Strike:Global Offensive 2 против 2 ќе се игра задутре.

Два дополнителни дена (понеделник и вторник 27-28.12) ќе бидат одвоени за нашите популарни македонски стримери на платформите YouTube и Twitch.tv ширум целата држава, информираат од Македонската Еспорт Асоцијација.

Како и на досегашните настани на МЕСА, борбата помеѓу играчите ќе биде пренесена во живо на најголемата интернет платформа за стриминг Twitch.tv, односно на Twitch.tv/mesa_esports.

„Ги покануваме сите заинтересирани заедно да ги проследиме овие турнири кои се дел од Gaming Week, како и секогаш не очекува забавна дружба со гејминг заедницата и одлично натпреварување помеѓу играчите“, велат од Македонската Еспорт Асоцијација.