По повеќегодишни подготовки, денеска напладне, во просториите на Oпштина Охрид, ќе биде потпишан договорот за изградба на домот за стари лица во Охрид.

Договорот ќе го потпишат градоначалникот Никола Бакрачески и претставниците на АД „Илинден“ од Струга, Радован Трајкоски и Кристина Трајкоска-Костеска.

Домот за стари лица во Охрид ќе се гради кај туристичката населба Далјан, на самиот брег на Охридско Езеро.

„Илинден“ за парцелата со површина од 8.425 квадратни метри ќе плати вкупно 13 милиони денари.

Почетната цена за продажбата на земјиштето, која беше утврдена врз основа на уредбата на Владата на Република Македонија, за изградба на дом за стари лица изнесуваше 1.393 денари.

Од локалната самоуправа велат дека станува збор за капитален проект кој е во завршна фаза. Ќе се реализира во период од две до три години, по пат на продажба на градежно неизградено земјиште со строго дефинирана намена.
Домот треба да биде со капацитет за 150 лица, а него би го опслужувале околу 50 вработени.

Објектот ќе има вкупна површина од 6.299 квадратни метри, на шест ката.