Во текот на денешниот и утрешниот ден целата територија на нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза.
Од таа причина Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
Општите мерки кои треба да се почитуваат се следниве:
Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот. Ова особено се однесува на градежните работници кои треба да ги запрат активностите во одредениот период.
Согласно овие препораки, и Владата донесе заклучоци според кои државните органи и јавните претпријатија и установи и приватниот сектор се должни да го организираат работното време, со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.