На вториот ден од гласањето за предвремените парламентарни избори, своето право на глас ќе можат да го остварат затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, како и болните и немоќните лица. Податоците на ДИК покажуваат дека правото на глас денеска ќе можат да го остварат 8.855 болни и немоќни лица, чии што пријави биле прифатени од вкупно 9.491 пријави што пристигнале до ДИК.
Идентично како и кај болните од ковид-19, кои гласаа во текот на вчерашниот ден, избирачките одбори ќе ги посетат домовите на болните и немоќните лица, при што како заштита од ширење на болеста ковид-19, задолжително ќе биде носењето на заштитна опрема и од членовите на избирачките одбори и од гласачите. Во домашни услови ќе гласаат и лицата кои се наоѓаат во домашен притвор, а кои се пријавиле до ДИК за да го остварат своето право на глас.
Во текот на денешниот ден ќе гласаат и 1.657 затвореници во 13 казнено-поправни установи низ земјава, како и 357 стари лица сместени во 17 старски домови. Овие лица денеска ќе гласаат на истиот начин како што ќе се спроведе гласањето и за сите други граѓани утре. Од ДИК посочуваат дека секое старо лице или затвореник што ќе дојде да гласа, мора да носи лична заштитна опрема на лицето.
При влегувањето на гласачкото место, гласачот најпрво мора да ги дезинфицира рацете, додека при подавањето на личната карта на избирачкиот одбор мора накратко да ја симне маската за негова идентификација, додека по завршеното гласање мора повторно да ги дезинфицира рацете.
Право на глас на предвремените парламентарни избори имаат 1.814.263 гласачи запишани во Избирачкиот список.