Светската здравствена организација (СЗО) и партнерите секоја година на 31 мај го одбележуваат Светскиот ден за борба против пушење, истакнувајќи ги здравствените ризици поврзани со употребата на тутунот и промовирајќи ефективни политики за намалување на употребата на тутунот.

Статистичките податоци покажуваат дека една испушена цигара го скратува животот за 12 минути.

Според податоците од СЗО, во светот пушат 1,1 милијарда луѓе, од кои 200 милиони се жени. Шест милиони луѓе годишно умираат од пушење, а меѓу нив 600. 000 се пасивни пушачи.

Во Република Македонија се регистрираат близу 700.000 пушачи, трошејќи годишно 11 тони цигари или 5,5 килограми тутун по жител.

Негативното влијание на цигарите и на чадот од цигарите е директно поврзано со многу сериозни заболувања. Негативните ефекти по здравјето се должат на околу 2.500 токсини содржани во тутунот и на околу 4.000 суптанци содржани во чадот од цигарите. Најмалку 250 од овие хемикалии се токсични, а повеќе од 60 од нив се познати како канцерогени.

Последиците од употребата на тутунот се рак на белите дробови, рак на грлото и на устата, срцевите болести и болести на крвните садови и на мозокот, хроничен бронхит, хронични неинфективни заболувања и многу други. Пасивното пушење (вдишување чад од оние кои пушат) го зголемува ризикот на непушачите од рак на белите дробови и ризикот од синдромот на ненадејна смрт кај бебињата.

Годинашното мото на Светскиот ден за борба против пушење е „Стоп за недозволената трговија со тутински поизводи“. По повод Светскиот ден за борба против пушењето во 2015 година, се повикуваат земјите да работат заедно за да престане недозволената трговија со тутунските производи. Недозволената трговија е глобален проблем, од аспект на здравство, легислатива, економија и водењето на политика и корупција.

Според информации добиени од меѓународните царински служби, 1 од 10 потрошени цигари е набавена на илегален начин.

Европската комисија оценува дека недозволената трговија со цигари ги чини Европската унија и нејзините членки повеќе од 10 милјарди евра годишно загуба на такси и на царински приходи.

За справување со овој проблем, во ноември 2012 година, меѓународната заедница го прифатила Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи, како прв протокол на СЗО во рамките на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (WHO FCTC).

Светски ден за борба против пушење се одбележува уште од 1987 година.