Денес започнува хакатонот „NASA Space Apps Challenge“

Фото: ЊуМенс Бизнис Акцелератор

Денес во Скопје по 10-ти пат започнува одржувањето на хакатонот „NASA Space Apps Challenge“ што ќе донесе можност за двајца учесници од победничкиот тим да патуваат во посета на NASA Kennedy Space центарот, во Флорида, САД заедно со нивниот ментор.

Официјалното отворање ќе започне денес во 12:00 часот во „Нетвил“ со бесплатна подготвителна работилница за поттикнување на работа во тим, решавање на проблеми и лидерство.

Натпреварувањето ќе се одржува на 1 и 2 октомври (сабота и недела) од 9:00 до 22:00 часот, а на агендата е ставено решавање на Stem/Space предизвици.

Во вторник (4 октомври) од 13:30 минути ќе се одржи националното финале, а националниот победник ќе добие можност за 10 дневен престој во седиштето на НАСА во Флорида, САД како и можност за гледање на полетување на ракета.

Оваа година за прв пат и менторот на националниот победничкиот тим ќе може да отпатува заедно со својот тим во NASA Kennedy Space центарот.

Менторите на сите финалисти ќе добијат и NASA трофеи, а финалистите ќе се стекнат со награди и сертификати, како и можност за учество во експеримент со лансирање на WEATHER BALLONS во Вселената од спортскиот аеродром Стекновец

Дополнително, најдобрите решенија што ќе се креираат во 2022 година ќе се прилагодат за да можат во иднина да бидат користени и од страна на македонските основни и средни училишта како едукативен материјал кој ќе има за цел да ја поттикне љубовта кон STEM дисциплините кај помладите генерации.

Организаторите информираат дека покрај присуството во живо, на хакатонот е отворена и можноста за приклучување онлајн за сите оние кои не се во можност да дојдат во Скопје.

Досега над 1500 млади таленти од нашата земја на возраст од 15 до 29 години имаат земено учество, а три наши тимови досега беа прогласени меѓу 40те финалисти на натпреварот во глобална конкуренција од над 2000 тимови.

Хакатонот „NASA Space Aapps Challange“ традиционално е во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс, во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје, и во соработка со домашни компании, ментори експерти од индустријата, професори и наставници.