На улица Македонија во Скопје денеска ќе се одржи настанот „Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“. Како што соопштуваат организаторите, настанот ќе ја претвори улицата во жива сцена на отворено со учество на улични живи статуи од продукцијата Театроск, ликовни уметници (студенти од Универзитетот АУЕ – ФОН) кои ќе создаваат дела во живо, улични шоуа, DJ и музички настапи.
„Главната цел е да се создаде простор за млади уметници со цел да ја презентираат својата уметност пред јавноста, да се поттикне нивниот развој и да се активира јавниот простор преку култура“ стои во соопштението од Здружението на граѓани „Театроск“ од Скопје.
Ќе има разновидна програма која почнува напладне со настап на диџеј Папак Басс и изложба на ликовни дела во соработка со Универзитетот ФОН. Следуваат неколку улични шоуа – на Фаз Бабл (13 ч.), Кристијан Бенито (14 ч.), Ѓурчиновски (14.30 ч.). Програмата продолжува во 18 часот со улични живи статуи и настап на Дина Јашари. Во 19 часот ќе настапи диџеј Бугимен, а во 20.30 часот – Тони Зен.
Настанот има за цел да им овозможи на младите уметници да се претстават пред јавноста и да се поттикне користењето на јавниот простор преку култура. Ова е четврто издание на настанот, кој веќе неколку години создава директен контакт меѓу уметниците и публиката.
