Денес и утре премиера на три македонски филма на „МакеДокс“

Постери за филмовите „Професорот“ и „Сите ќе умреме“ / Фото: МакеДокс

Три нови македонски остварувања се меѓу филмовите кои се прикажуваат на програмата на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Вечерва со почеток во 21 часот, во Парк МКЦ, премиерна проекција ќе има филмот „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски, додека пак за утре, закажани се премиери на филмовите „Нејзиното семејство 2010-2019“ на Елизабета Конеска во 20:30 часот во летното кино на Кинотека и филмот „Професорот“ на Јордан Дуков, кој ќе се прикаже во Парк МКЦ од 21 часот.

По однос на форумот МакеКоПроДокс, оваа година целосно се одвива онлајн. Како што информираат од тимот на МакеДокс, негова главна цел е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, 3 скандинавски филмски агенции и 10 проекти кои се во завршната фаза на продукција.

Главната сесија на форумот ќе се одржи на 24 и 25 август преку платформата „Зум“. На 24 август од 15 до 17 часот ќе се одржи и дебата „Иднината на документарниот филм во регионот“. Модератори на форумот се Бригид О’Шеа (Европско здружение за документаристика и директорка на ДОК Индустри – ДОК Лајпциг) и Хеле Хансен (Комисија за филмска документаристика – Норвешки филмски институт, Норвешка).

Постери за годинашното издание на „Македокс“, автор на постерите: Самир Карахасан / Фото: МакеДокс

Исто така, во Парк МКЦ поставена е изложба на постери за годинашното издание на „Македокс“. Автор на постерите е Самир Карахасан, додека истражувањето беше направено во соработка со Иститутот по биологија на Природно-математичкиот Факултет (ПМФ) во Скопје. На постерите се прикажани микроскопски слики од кромидот и неговата внатрешност.