Фото: АРМ

Континуитет во инвестициите, но и „повисока амбиција“ најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, честитајќи го Денот на военото воздухопловство, што македонските воени пилоти го одбележаа со прелет на 9 воени воздухоплови над Скопје.

фото: АРМ

Со низок прелет над градот, роденденот на своите македонски колеги им го честитаа и два ловци Ф-16 на грчкото воено воздухопловство, кои беа во редовна патрола во македонскиот воздушен простор

Фото: АРМ

Инвестициите во воздухопловниот ВИНГ (Воздухопловна извидувачко-напаѓачка група, н.з.) ќе мора да растат во годините што следат, најави министерката. Модернизацијата и опремувањето на воздухопловството, нагласи, е еден од крупните залаци во Долгорочниот план за развој на одбраната.

„Тоа се работи кои што се неопходни за една држава. Неопходни се и за нејзината безбедност и за безбедноста на сите граѓани, и тоа го гледаме секој пат кога оваа држава се соочува со криза. Тогаш, таа се потпира на вас, но се потпира и на вашата опрема“, им порача Шекеринска на војниците.

Министерката потсети дека се зголемени платите на припадниците на военото воздухопловство и најави подмладување, но и зголемување на инвестициите

„Тука сакам да најавам и континуитет и повисока амбиција за да инвестираме во воздухопловство и во армија која одговара на членка на НАТО“, нагласи Шекеринска.