Во изминатата година изданијата на Фондацијата Метаморфозис, изработија речиси 1.000 проверки на факти и разоткривања на спинови (манипулации), искажани од учесници во креирањето на јавните политики, како и проверки на исполнетоста на предизборните ветувања на политичките партии. Денеска е 2 Април, Ден на проверката на факти (#FactCheckingDay) кога факт-чекерите (проверувачите на факти), кои секојдневно работат јавната дебата да се темели врз факти, а не врз измислици, одбележуваат уште една напорна година во која доминираа глобални геополитички настани, како на пример војните во чија суштина е непридржувањето кон фактите и вистината.
„Војните, кои по својата природа ја замаглуваат, прикриваат и извитоперуваат вистината и фактите, и во изминатиов период, како и во актуелниов момент се една од главните глобални медиумски теми. Војната во Украина по агресијата на Русија врз својот мирољубив сосед трае веќе над 4 години без надеж за примирје. По минатогодишниот воздушен напад врз Иран, кога лани летото беа бомбардирани нукеларните постројки и истражувачки центри на оваа држава од Израел и САД, во моментов гледаме проширена реприза, која има сериозни шанси да се претвори во инвазија и која веќе се шири врз целиот регион“, се наведува во соопштението на Метаморфозис по повод Денот на проверката на факти.
Првиот Меѓународен ден на проверката на факти беше воспоставен од Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) во 2016 година со цел да се прослави и истакне работата на проверувачите на факти ширум светот и оттогаш се одбележува секоја година. IFCN започна со само десетина членки за денес во неа да членуваат над 180 организации ширум светот.
Во С. Македонија, полноправна и сертифицирана членка на оваа мрежа од 2019 година е Фондацијата Метаморфозис (metamorphosis.org.mk) и порталот за проверка на факти Вистиномер (vistinomer.mk). Од 2023 година Метаморфозис и Вистиномер се сертифицирани членки и на Европската мрежа за стандарди при проверката на факти (EFCSN) со седиште во Брисел, Белгија, а во проверката на факти активно се вклучени и другите изданија на Метаморфозис – новинската агенција Мета (meta.mk) и информативниот портал на албански јазик, Порталб (portalb.mk).
Во однос на војната во Украина, од Метаморфозис посочуваат дека брзината на ескалацијата на овој конфликт е соодветна на брзината на ширењето на дезинформациите кои произлегуваат од него. Едноставно, што повеќе држави и луѓе се директно или индиректно засегнати од воениот судир, толку повеќе дезинформации, манипулации и полувистини почнуваат да циркулираат во јавноста.
„За разлика од самиот почеток на конфликтот, кога можеше да се забележи злоупотреба на визуелни елементи (фотографии, видео инстерти, итн.) од претходни конфликти, а на кои им се припишуваше лажна актуелност со цел другата страна да се прикаже како злосторничка, сега веќе сме сведоци дезинформациски наративи да се туркаат преку постојани и репетитивни невистини, а се со цел неповолните вести и информации во медиумите да се врамат поинаку и настаните да се прикажат во светло поволно за оној кој го турка таквиот дезинформациски наратив во јавноста“, соопштија од Метаморфозис.
Според нив, неретко ова се прави од највисоко позиционирани државнички личности или кругови, кои се постојано цитирани од светските медиуми и чии дезинформациски акробации многу полесно стигнуваат до широката јавност за разлика од проверките на факти. Кога станува збор, пак, за дезинформациите и странското мешање и манипулација со информации (FIMI – Foreign Information Manipulation and Interference) кои потекнуваат од Кремљ и кои во изминатите години претставуваа главен предизвик за проверувачите на факти, според Метаморфозис, во последно време се забележува спласнување на интензитетот, но сѐ уште се одржуваат во живот постоечките дезинформациски наративи против Украина, против Западот и неговите институции како ЕУ и НАТО, а продолжи величењето на Русија и Путин.
„Покрај војните, она што, исто така, претставува сериозен предизвик за проверувачите на факти е зголемената употреба на вештачката интелигенција за ширење дезинформации. За разлика од изминатите 2-3 години, кога дезинформациите произведени со вештачка интелигенција главно беа преземани од странство, а со тоа и беа полесни за разоткривање, сега веќе, како што и предвидовме, употребата на вештачката интелигенција во продукцијата на дезинформации станува сѐ повеќе домашна, односно локална, при што експлозија на ваквите локализирани дезинформации, произведени со помош на вештачка интелигенција, се очекува во 2027-28 година“, се вели соопштението.
Оттаму додаваат дека сè повеќе фотографии, кои се користат, пред сè, за бркање кликови или продажба на лекови, на пример, се од домашни корисници и ваквиот тренд бездруго ќе продолжи. Според Метаморфозис, он-лајн измамите, и тоа особено оние кои се шират преку социјалните мрежи, во изминатиот период доживуваат своевидна „мини-ренесанса“, при што се зголемува бројот на видовите на измами со кои се сретнуваме.
Меѓународниот ден на проверката на факти годинава се одбележува преку слоганот „Ние стоиме зад фактите!“ „We Stand for Facts!“, а Меѓународната мрежа за проверка на факти ќe го претстави најновиот годишен извештај за состојбата со проверката на фактите (State of the Fact-Checkers Report).