Фото: Порталб.мк

Полицискиот кордон со оклопни возила употреби шок бомби, со цел да ги натера демонстрантите на протестот за случајот „Монструм“ да се повлечат. Демонстрантите претходно ја нападнаа полицијата која беше поставена пред Трговскиот центар „Мавровка“ за да ги спречи да го продолжат протестот кој беше предвиден да продолжи до Кривичниот суд и подоцна да заврши пред Владата.

Демонстрантите неколку пати фрлаа шишиња, камења и предмети кон полицијата, а подоцна почнаа да ги напаѓаат полициските службеници. Според неофицијалните информации од терен, повредени се неколку припадници на полицијата, а приведено е и едно лице од толпата.

Фото: Порталб.мк

Организаторите на протестот ги замолија присутните да останат присебни и да не ја напаѓаат полицијата. Дел од нив формираа и заштитен ѕид со цел да застанат во нивна одбрана.

„Правда и слобода во земјата“, „Долу диктатурата“, се извикуваше од толпата.

Причина за протестот е донесената пресуда од три доживотни и две казни од по девет и 15 години затвор за случајот „Монструм“. Роднини на осудените претходно повикаа на протест бидејќи како што кажаа, тоа е единствениот начин на борба.

Тие на крајот од претходниот месец протестираа пред зградата на Министерството за надворешни работи бидејќи полицијата не им дозволи на демонстрантите да се доближат до седиштето на Основното јавно обвинителство. Организаторите на протестот побараа разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи, откако таа побара за тројца од обвинетите доживотни казни затвор, за двајца долгогодишни казни затвор, додека за еден обвинет побара ослободителна пресуда.

Фото: Порталб.мк

Случајот „Монструм“ се однесува на масовното убиство кај Смилковско Езеро, близу Железара, на Велигден во април 2012 година, кога беа убиени четири млади момчиња од Радишани и возрасен маж од с. Црешево.

Во претходна постапка за овој случај на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По ова, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. По згаснувањето на СЈО предметот е повторно во рацете на Јавното обвинителство, судскиот процес за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.