Photo by Louis Velazquez on Unsplash

На вториот круг на изборите во американската сојузна држава Џорџија, победија кандидатите на Демократската партија на САД, јавуваат американските медиуми Си-ен-ен и Еј-би-си. Демократот Џон Ософ освоил 50,3 отсто од гласовите, додека републиканецот Дејвид Пердју освоил 49,7 отсто. Воедно, демократот Рафаел Ворнок ја победи републиканката Кели Лефлер.

Вториот круг на гласање се одржа денеска, откако на изборите што се одржаа на 3 ноември ниту еден од кандидатите во сојузната држава Џорџија не обезбеди 50 отсто плус еден на одржаниот прв круг. Победата на двајцата кандидати од Демократската партија е клучен успех, кој ќе му овозможи на идниот претседател Џо Бајден да ја има контролата врз американскиот Сенат.

По одржаните избори, демократите и републиканците имаат по 50 сенатори во Горниот дом на Конгресот, така што одлучувачкиот глас за обезбедување на мнозинството во иднина ќе ѝ припадне на новоизбраната потпретседателка Камала Харис, која ќе стапи на позицијата заедно со претседателот Џо Бајден. Инаку, демократите веќе ја имаат контролата врз Претставничкиот дом (Долниот дом на Конгресот), што би значело дека идниот претседател Бајден при носењето на клучни закони од областа на внатрешната американска политика би имал мнозинство во двата дома на Конгресот.