fbpx

Демографските промени во Европската унија: од Исток кон Запад

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

-

Во период кога пописот е една од најактуелните теми кај нас, вреди да се погледне пошироката слика, односно барем некои од главните демографски прашања во ЕУ, особено оние поврзани со последните проширувања.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Дека населението во светот старее не е ништо ново. Европската унија е меѓу најзасегнатите од овој глобален тренд. Главниот предизвик е растот на „стапката на зависност“ – односно што помалку вработени ќе треба да издржуваат повеќе лица кои не работат. Помала, но поквалификувана и поадаптибилна работна сила ќе треба да издржува поголем број зависно население.

Во 2015 година, 19 отсто од населението во ЕУ (и на Истокот и на Западот) имало над 65 години. Меѓутоа, според Истражувачкиот извештај „Демографски сценарија во ЕУ“ (на Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ, Службата на ЕУ за наука и знаење во соработка со Меѓународниот институт за применета системска анализа) од 2019 година, проекцијата е дека во 2060 година 30 отсто од населението во западните држави ќе има над 65 години, додека во источните држави членки, тој процент ќе биде дури 35 отсто.

Демографската слика на Европа последниве триесетина години е значително сменета. Во периодот меѓу 1991 до 2015 година, државите на Западот (односно сите т.н. „стари“ држави членки на ЕУ) имаат пораст на населението, додека државите од Централна и Источна Европа – нови членки на ЕУ, со исклучок на Чешка, Словачка и Словенија, бележат пад. Најголем пад од над 25 отсто од вкупното население бележи Литванија, а зад неа со 15-24,9 отсто пад на населението се Бугарија, Латвија и Естонија. Од 10-14,9 отсто од населението загубиле Хрватска и Романија. Секако дека дел од падот на населението се должи и на природните фактори, како нискиот фертилитет, но најголемата причина е емиграцијата – и тоа главно кон Запад, кон старите членки на ЕУ.

Табела: Промена во населението на државите членки на ЕУ меѓу 1991 и 2015 година
Извор: Демографски сценарија во ЕУ – истражувачки извештај на Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ, Службата на ЕУ за наука и знаење во соработка со Меѓународниот институт за применета системска анализа, 2019 година.

И покрај преодните рестрикции за слободата на движење за работниците од новите членки од страна на некои од старите држави членки на ЕУ, се проценува дека 1,8 отсто од населението на источните држави кои станаа членки на ЕУ во 2004 година се преселија во старите држави членки меѓу 2004 до 2009 година, додека од 2007 до 2009 година за новите членки на Бугарија и Романија, тој процент изнесува дури 4,1 отсто.

Според неодамна објавениот Извештај за внатрешна мобилност на Европската комисија за 2020 година (сепак, податоците во него се од 2018 и 2019 година), во 2018 година стапката на одлив на населението изнесувала над 1 отсто во Романија, Литванија и Хрватска, додека во Чешка и Словачка таа била скоро 0, а многу ниска и во Словенија. Овие земји засега го немаат проблемот на одлив на работоспособно население кон, за нив, поблискиот Запад.

Од повеќето земји од Централна и Источна Европа се иселува главно работоспособно население. Околу една четвртина од нив е висококвалификувана работна сила, а една третина од висококвалификуваните работи на места за кои е потребна пониска квалификација. Истражувањата покажуваат дека основниот мотив за преселбата од Исток кон Запад е повисоката плата и повисокиот животен стандард.

Одливот на работоспособното население од повеќето држави од Централна и Источна Европа, дополнително зголемен со „одливот на мозоци“ има негативно влијание врз економскиот растеж на нивните држави. Се забавува постигнувањето економска конвергенција меѓу државите членки на ЕУ. Позитивен тренд забележан последниве години е враќањето во државите на потекло или т.н. „повратна мобилност“. Сепак, дури и во пооптимистичко сценарио, споменатиот извештај „Демографски сценарија во ЕУ“ проценува дека Романија до 2060 година би изгубила 14 отсто од нејзиното население во 2015 година, а Литванија и Латвија – 20 отсто, односно 23 отсто.

Клучната препорака за сузбивање на ваквите трендови е да се намалува економската нееднаквост внатре во ЕУ, главно преку мерки на кохезија и интеграција. Покрај тоа, се препорачува примена на практични политики, како поттикнување вештини неопходни на пазарот на труд, попривлечни услови за вработување на висококвалификуваните и мерки за поттикнување на враќањето. Инаку, генерално за ЕУ, главната препорака е стратегија на зголемување на учеството во работната сила, особено на жените.

Сложените демографските предизвици на денешнината секако дека заслужуваат подлабоки анализи и осврти, но, пред сѐ бараат свртување на вниманието на нашата јавност кон клучните прашања за демографските промени и развојот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...