fbpx

Демант од Агенцијата „Анадолија“: Атиџе го поздрави Ердоган на турски јазик

-

Турската новинска агенција „Анадолија“, како реакција на текстот со наслов „Дали турската „Анадолија“ на Атиџе ѝ измисли поздрав и поддршка за Ердоган?“, испрати барање за демант и извинување до „Мета.мк“.

Во продолжение го објавуваме демантот во целост:

БАРАЊЕ ЗА ДЕМАНТ И ИСПРАВКА
Почитувани,
На ден 30.01.2020 година на вашата веб страница „Мета.мк“, објавен е текст со наслов „Дали турската Анадолија на Атиџе ѝ измисли поздрав и поддршка за Ердоган?”, во кој, меѓу останатото се наведува: „Дополнително, и уште побитно, дали Атиџе навистина упатила поздрав и поддршка за турскиот претседател Ердоган или пак постои обид тоа да ѝ се „накалеми” на оваа сиромашна македонска Турчинка’? Оти тоа не можеме да го видиме во видеото.
Со цел да ви воочиме и докажеме дека почитуваната г-ѓа Атиџе Муратова, во разговорот упатува поздрав и изразува почит до/кон турскиот Претседател Реџеп Таип Ердоган, појаснуваме дека наведената во интервјуто зборуваше на македонски и турски јазик, со тоа што таа го упати поздравот и ја изрази почитта до турскиот претседател, само во делот од интервјуто каде таа зборува на турски јазик.
Во делот од интервјуто на македонски јазик, г-ѓа Атиџе Муратова не упатува поздрав до турскиот претседател Ердоган, па оттука и истиот не е наведен во текстот.
Како потврда на горното, а во насока и интерес на правилно и вистинито информирање, ве упатуваме на интернет линкот: http://video.haber7.com/videogaleri/153661-honeyland-belgeselinin-haticesi-oscar-bekliyor, на кој еден турски медиум (претплатник на Сервисот на Агенција Анадолија -АА) го има објавено целосното видео со г-ѓата Атиџе Муратова на турски јазик, со логото на Агенцијата Анадолија.
Од објавеното видео (на горенаведениот линк), во 03:20 минута, јасно може да се види и слушне, како г-ѓата Атиџе Муратова упатува поздрав до турскиот Претседател Ердоган.
Како што е погоре наведено, ова видео е преземено од турскиот претплатник, по неговото претходно објавување во системот на Агенцијата Анадолија (АА) на турски јазик, на ден 22.01.2020 година, во 11:33 часот, означено со шифра на видеото: 5 У20506672.
Сакаме да ви укажеме дека истото видео, може да се најде во нашиот систем на турски јазик, кој содржи објавени вести, фотографии и видео содржини, но во кој вие немате пристап, бидејќи не сте наш претплатник, што не значи дека истото не можете да станете, но само по претходно плаќање на претплата, а по што ќе имате пристап до содржините, меѓу кои и интервјуто со Атиџе Муратова.
Имајќи предвид дека интервјуто е направено на начин кој ги афирмира документарниот филм „Медена земја” и Република Северна Македонија, наведениот текст во кој го наведувате називот на Агенцијата Анадолија, не може да биде сфатен, никако поинаку, освен како пронесување факти пред други лица, штетни по угледот на нашата агенција, иако сте биле должни и сте можеле да утврдите и проверите дека истите се невистинити.
Оттука, БАРАМЕ согласно чл. 14 од Законот за граѓанска ОДГОВОРНОСТ за клевета и навреда да објавите демант на вашиот текст „Дали турската Анадолија на Атиџе и измисли поздрав и поддршка за Ердоган?” објавен на 30.01.2020 година и воедно да и се извините на Агенцијата Анадолија за објавената клевета, со која и го нарушивте нејзиниот углед, на исто место и на ист начин како што е објавен текстот со наведената клевета.“

Во текстот на кој што се однесува демантот е наведено дека е анализирана објавата на англиски јазик на веб-страницата на турската агенција, а не верзијата на македонски јазик или на турски јазик.

Според тоа, нашето мислење е дека во случајот станува збор за недоразбирање. Токму поради тоа што целосната содржина на турски јазик не е достапна за медиумите, односно е достапна само за претплатниците на Aгенцијата, како што и е наведено во демантот, „Мета.мк“ не можела во моментот да ги провери сите јазични верзии на репортажата. Во секој случај, упатуваме извинување до Агенцијата „Анадолија“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.