Демант на дезинформациите во медиумите по повод рецензијата на Вистиномер за финансирањето на извидничкиот камп Sex Scouts and Rock’n’Roll

„Вистиномер“ објави демант на нападите и дезинформациите, коишто беа објавени во некои медиуми.

„Мета“ го пренесува демантот интегрално:

Деновиве во јавноста се појавија написи и други видови реакции кои содржат дезинформации за работата на Вистиномер, како и содржини на социјалните мрежи во кои, покрај дезинформации, има и пцости, други навреди, клевети и закани против порталот и вработените во него.

За навредите, клеветите и заканите на ова место не сакаме да коментираме, освен да истакнеме дека тие се документирани и ќе послужат како поддршка кон евентуални идни постапки.

Но, овде би сакале да ги демантираме дезинформациите и расчистиме нејаснотиите изнесени во реакциите кои содржат напади против нас.

Најпрвин, редкацијата на Вистиномер не брише никакви содржини од Фејсбук. Ова сме го кажале многупати и го повторуваме и овде – дури и кога би сакале да избришеме било каква содржина, споделена на оваа социјална мрежа, тоа од технички причини не можеме да го направиме.

Упорното, пак, тенденциозно и во ништо невтемелено изденачување на проверката на факти со цензурата станува бајато и иако постојано се повторува, тоа не значи дека ваквата дезинформација некако магично ќе се претвори во вистина.

Цензурата е намерно и свесно потиснување на информации. Проверката на факти не го прави тоа, туку само служи како предупредување дека одредена содржина е спорна затоа што содржи дезинформации. Тоа не го спречува читателот да пристапи и да ја прочита/види таа содржина.

Проверката на факти аналошки најдобро се објаснува со предупредувањата на прехранбените производи од типот „Овој производ ги содржи следните алергенси…“. Ваквото предупредување никого не спречува да го конзумира производот, но со претходно информирање за ризиците. И при проверката на фактите конечната одлука е во рацете на корисниците. Тие самите одлучуваат дали ќе ја восприемат и споделат содржината, а проверувачите на факти не само што ги означуваат проблематичните содржини, туку обезбедуваат и линкови до ресурси со дополнителни информации со цел да се покаже и докаже зошто тие содржини се така обележани.

Потсетуваме дека организации за проверка на факти има во над 100 земји од светот, а дека Фејсбук има договори за проверка на факти врз содржините споделени на оваа социјална мрежа во 80 до 90 земји. Тука се вклучени речиси сите најдемократски земји, во кои, како и кај нас, цензурата е забранета. Така што, доколку навистина проверката на факти беше еднаква со цензурата, сите овие организации одамна ќе беа спречени во нивната работа. Но, тоа никаде не е случај.

Понатаму, се фрла сомневање врз објективноста на редакцијата на Вистиномер заради тоа што во една од рецензиите, кои неодамна ги објавивме, се спомнуваше Фондацијата Отворено општество – Македонија, а стануваше збор за финансирањето на извидничкиот камп насловен Sex Scouts and Rock’n’Roll, каде што, според наводите изнесени во јавноста, се практикуваа непримерни активности поврзани со сексуалното образование.

Редакцијата на Вистиномер, како и целата јавност, е зачудена, изразува протест против овие настани и ги повикува органите на прогонот да ги истражат и да поднесат соодветни пријави. Токму затоа, нашата рецензија се однесува само на сегментот во кој се говори за финансирањето на настанот и ништо повеќе.

На крајот би сакале да истакнеме дека ние остануваме целосно зад објавената рецензија и тврдењата во неа. При повторната анализа на рецензираната содржина и на изнесените аргументи и докази во нашата рецензија, сметаме дека таа севкупно и сеопфатно ги задоволува барањата на нашата методологија за проверка на фактите, насоките дадени од социјалната мрежа Фејсбук, пред сè, кога станува збор за виралноста на дезинформацијата како предуслов да биде избрана за рецензирање, а не кој е спомнат или не е спомнат во неа и, на крајот, сметаме дека таа е во склад и со Кодексот на принципи на Меѓународната мрежа за проверка на факти, чиј член е Вистиномер.

Редакција „Вистиномер“