Делумното затемнување на Месечината на 16 мај ќе биде видливо и во Македонија

фото: Mathew Schwartz на Unsplash

Помеѓу доцните вечерни часови на 15 мај и раните утрински часови на 16 мај, полната Супер месечина, позната и како „Цветна месечина“, ќе влезе во сенката на Земјата, предизвикувајќи целосно затемнување на Месечината што ќе биде видливо од поголемиот дел на Америка и Антарктикот, како и западниот дел од Европа и Африка и источната страна на Пацификот.

Набљудувачите на небото во источна Европа, пак, каде што се наоѓаме и ние, исто како и во Нов Зеланд и на Блискиот Исток, ќе доживеат таканаречено засенчување на Месечината, за време на кое само работ на Земјината сенка паѓа над Месечината.

Според вебсајтот „TimeandDate.com“, делумното затемнување ќе започне на 16 мај во 4 часот и 28 минути по средноевропско време, достигнувајќи го својот максимум во 6 часот и 11 минути. Тој ефект на целосно затемнување може да ѝ даде на Месечината црвеникава нијанса позната како „Крвава Месечина“. Делумното затемнување, односно засенчување на Месечината, ќе може да се види во Македонија. Тоа ќе започне околу еден час порано и ќе заврши еден час по делумното затемнување.

Затемнувањето на Месечината секогаш се случува за време на полна месечина, а полните месечини, пак, се случуваат кога Месечината е на спротивната страна на Земјата од Сонцето и тогаш Сонцето го осветлува целото „лице“ на Месечината гледано од перспектива на Земјата. Бидејќи орбитата на Месечината е навалена за околу пет степени во споредба со орбитата на Земјата, Месечината обично ја избегнува Земјината сенка.