Владата на СДСМ за овој период ниту еднаш не се обиде да го намали јавниот долг како што ветуваше туку напротив, се повеќе долгот се продлабочува, обвини Христијан Делев на партиска прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
– Владата на СДС и Тевдовски денес се задолжија за нови неверојатни 2,7 милијарди денари односно 43,9 милиони евра. Заедно со денешната аукција за овие три месеци министерот Тевдовски има издадено државни хартии во вкупна вредност од 145 милиони евра. Средствата се собираат директно од македонските банки, кои наместо да се користат за кредитирање на македонското стопанство, се користат за покривање на буџетската дупка – рече Делев.
Тој рече дека владата на СДСМ го покажала вистинското лице со ребалансот на буџетот, којшто предвидува дополнително задолжување од 150 милиони евра, а згора на тоа, почнале да ги намалуваат и девизните резерви.
– Владата на Заев мора да запре со неконтролираното задолжување и да одговори на македонската јавност каде парите ќе бидат искористени – порача Делев.