Со поклон и положување на свежи цвеќиња на гробот на Тоше Проески, денеска делегација на Општина Крушево предводена од градоначалникот, Томе Христоски оддаде почит на балканската поп икона, на денот кога требаше да го слави својот 40 роденден.

„Одбележуваме уште еден роденден без Тоше, но тој е присутен во сите нас. Тој има само датум на раѓање, а наша обврска е да продолжиме да правиме добри дела, да организираме настани во негова чест и да го почитуваме. Така споменот за него вечно ќе живее“, изјави градоначалникот Христоски.

Покрај претставници од Општина Крушево, почит на Проески му оддадоа и повеќе членови на институции и здруженија. И фановите на Тоше со свои активности денеска го одбележуваат неговиот роденден. По повод одбележувањето на денот на неговото раѓање, организирана е крводарителна акција од ОО Црвен Крст Крушево.