фото: влада
фото: влада

Делегации од кабинетот на Претседателот на РСМ, од Владата и од Собранието, како и од други институции, здруженија и граѓани, денеска положија цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев, во црквата Свети Спас, по повод 118 години од неговото загинување.

Делегацијата од претседателскиот кабинет беше предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, а владината делегација од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за финансии Фатмир Бесими. Во собраниската делегација, пак, беа потпретседателот на парламентот Горан Мисовски и пратеничките Даниела Маркоска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Неговите посмртни останки се чувале во Баница до 1917 година, потоа биле пренесени во Ксанти и во Софија. До 1923 година, ковчегот со коските се чувал во домот на Михаил Чаков, а останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата Свети Спас во Скопје.

Сеќавањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев, како знаменосец на македонската револуционерна борба, е и чествување на вредностите што тој ги застапуваше во борбата за слобода и за македонската државност.